четврток, 18 април 2024

Политиката „дај-земи“ во борбата за руската моќ

Објавено на

часот

Сподели

Јасно е дека Кремљ конечно ја сфати ситуацијата и реши да ја намали политичката напнатост преку комбинација од концесии и заплашувања. Рутината „добар цајкан-лош цајкан“ се врати во употреба. Премиерот Владимир Путин им фаќа сеир на демонстрантите и особено на лидерите на опозицијата, велејќи „Тие немаат јасна програма за постигнување на нивните недефинирани цели“. Тој очигледно си ја врати сталоженоста по ноќта на 4 декември, откако беше видно потресен од резултатите на Обединета Русија. Во исто време претседателот Дмитри Медведев и новиот спикер на Думата, Сергеј Наришкин, предлагаат реформа по реформа. Дури и Владислав Сурков, главниот идеолог и сива еминенција на Кремљ, ги поздрави московските протести, велејќи „најдобриот дел од руското општество е собрано тука“. Пред само една недела тој се жалеше дека му е здосадено да ги слуша барањата на демонстрантите.
Најважниот момент е што поранешниот министер за финансии Алексеј Кудрин одеднаш се појави на сцената за да понуди медијаторство помеѓу опозицијата и Кремљ. Демонстрантите го исвиркаа на 24 декември, но тоа не го поколеба и тој продолжува да повикува на дијалог.
Ова веднаш ги подели опозициските лидери. Некои, како поранешниот премиер Михаил Касјанов, се подготвени да ѝ дадат шанса на власта да се објасни и да почне да ги менува изборните закони. Некои, повеќето радикални левичари и новата суперѕвезда на демонстрантите, Алексеј Навални, решително одбиваат каков било дијалог со Путин. Господинот Навални претседателските избори закажани за март ги смета за „нелегитимни“ сè додека тие не се спроведат според нови, либерализирани закони, кои сосема случајно ќе му овозможеа и на него да се кандидира. Тој вети дека ќе поведе еден милион луѓе на марш во февруари доколку Кремљ не го смени својот став.
Блогерот-политичар е во право. Господин Путин веќе изјави дека сака најчисти можни претседателски избори бидејќи е сигурен дека ќе победи. И тој веројатно е во право. Премиерот контролира завидни финансиски ресурси и сè уште ја има поддршката на обичната Русија. Неговиот главен интерес е претседателската трка да ја претвори во претстава „ние против нив“, во која тој ќе ги претставува угнетените и осиромашени провинциски маси, додека кротките кандидати како милијардерот Михаил Прохоров и либералот Григориј Јавлински ќе ги претставуваат богаташите од метрополите, кои со ајпад во рака сркаат капучино.
Господинот Путин знае дека овие луѓе имаат мали шанси против него.
Тој веројатно не е толку сигурен дека толку лесно ќе помине против господинот Навални, кој сега е во силна популистичка низа, млад е и убав, и е жилав говорник. Но проблемот на Навални е што нема програма и тим што ќе ја покажат сериозноста на неговото посегнување по моќ. Во негов интерес е да го делегитимира Путин сосема како потенцијален кандидат, да го исфорсира откажувањето на изборите и да се кандидира подоцна, без Путин меѓу тркачите.
Сосема е можно опозицијата да се подели на „револуционерно“ и „еволуциско“ крило. Тоа барем го посакува власта. Тие чувствуваат дека соработката со поумерените лидери на протестите и истуркувањето на радикалите надвор од политичката рамка ќе помогне во смирување на ситуацијата. Сепак, ова може да предизвика уште повеќе проблеми. Како што руската историја постојано докажува, активните малцинства во политиката вредат повеќе од пасивните мнозинства – се сеќавате на болшевиците во 1917 или на Јелцин и неговите поддржувачи во 1991?
Проблемот е што многу малку луѓе веруваат дека Кремљ е искрен во својот новооткриен реформски ентузијазам. Недостигот од кредибилитет е главниот проблем на господинот Путин и на неговите поддржувачи. Во 2012 има големи шанси да бидеме сведоци на борба меѓу „владиното лицемерство против уличниот популизам“. А тоа би било многу несреќна насока за руската политика.

(Автор на текстот е Константин Егерт, коментатор за радиото Комерсант ФМ)

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ