Куманово остана без пајак возило откако полицијата вчера го исклучи од сообраќај. „При контрола на пајак возилото од страна на полициските службеници било утврдено дека тоа не е технички исправно, а при контрола на техничкиот преглед било утврдено дека возилото не поседува сертификат за употреба на кран за подигање на возила“, соопшти МВР. Пајак возилото е старо повеќе од 30 години.
Петрушевски вели дека таква лиценца по закон не треба да има претпријатието.
„Увид на документите за сите други потребни документи инспекторите не ги гледаа, туку бараа документи кои ги немавме и ги немаме, и ниту едно јавно претпријатие на ниво на Република Македонија ги нема. Ни беше одземена сообраќајната дозвола на 30 дена. Веднаш направивме жалба до второстепена комисија и ако не ја вратат сообраќајната ќе водиме управна постапка пред Управен суд, затоа што одговорно тврдам дека сме во право“, вели Петрушевски.
Според него се работи за континуирани притисоци од некои министерства на градоначалникот на Куманово Максим Димитровски.
„Поединци ги злоупотребуваат функциите, ги злоупотребуваат министерствата и мислам дека ова е уште еден атак кон јавното претпријатие, градоначалникот и кон сите граѓани“, изјави Петрушевски.