„Многу сериозно ги истражуваме наводите, кои во моментов се многу реални, дека напаѓачот од Филозофскиот факултет е одговорен и за две жртви од крајот на минатата недела во Клановице“, изјави началникот на полицијата Мартин Вондрашек на прес-конференција, пишува чешкиот портал Новинки.
Минатата недела, на 15 декември, непознато лице застрела 32-годишен маж и неговата двомесечна ќерка во Клановице, но полицијата сѐ уште не го пронајде одговорниот за двојното убиство.
На Филозофскиот факултет на Карловиот универзитет на плоштадот Јан Палах во Прага вчера се случи престрелка во која загинаа 14 лица, а 30 се повредени, додека напаѓачот е убиен. Чешката полиција соопшти и дека таткото на осомничениот за пукањето вчера бил пронајден мртов.
Напаѓачот е идентификуван како Давид К. Тој прво го убил својот татко во селото Хостоун, 20 километри западно од Прага, а потоа отишол во центарот на тој град.
Бил студент на Институтот за светска историја на Карловиот универзитет, со седиште на Филозофскиот факултет, на плоштадот Јан Палах. Претходно оваа година, Давид К. добил награда од Полскиот институт во Прага за неговата теза за револуционерните настани од 1846 година во Краков и други области што сега се дел од Полска.
Полицијата соопшти дека вчера попладне тој требало да присуствува на предавање во посебна универзитетска зграда на улицата Целетна, на неколку минути пешачење од факултетот и недалеку од Стариот градски плоштад во Прага. Полицајците отишле таму барајќи го пред пукањето. Она што не се знае е што го одвело, наместо таму, до главната зграда на Филозофскиот факултет со оружје во рацете.
Шефот на полицијата Мартин Вондрашек изјави дека отишол во Прага да си го одземе животот и дека е „инспириран од страшен, сличен настан во странство“. Наводно, инцидентот е пукањето што се случи на 7 декември во Брјанск, јужна Русија, кога 14-годишно девојче донесе пушка во своето училиште и уби соученичка пред да го сврти пиштолот кон себе и да си го одземе животот.