„Според полицијата, битолскиот хирург по завршен хируршки зафат побарал и примил поткуп. Кај него биле пронајдени и одземени парите, кои претходно биле обележани. М.С. е задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него е поднесена кривична пријава“, соопшти МВР.
Од Јавното обвинителство пак информираа дека ОЈО Битола отворило истрага за битолскиот хирург.
„Сомнението произлегува од фактот дека осомничениот, на 27 јануари, како лице кое вршело работи од јавен интерес, односно како доктор – хирург на одделението за хирургија при Клиничка болница Д-р Трифун Пановски Битола, извршил интервенција – операција на жолчно ќесе врз пациентка, а потоа индиректно, преку сведок, побарал од синот на пациентката да му даде пари во износ од 150 евра за да се почастел за извршената работа. Синот следниот ден во просториите на болницата, во плик му дал на осомничениот три банкноти од по 50 евра. Откако осомничениот ги примил, му бил извршен претрес и овластени службени лица од СВР Битола ги пронашле и одзеле парите“, соопштија од Јавното обвинителство.
Надлежниот јавен обвинител од битолското обвинителство до судија на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство на осомничениот хирург.