четврток, 30 јануари 2025

Полицијата трага по мажи кои украле подземен воз во Њујорк (ВИДЕО)

Њујоршката полиција трага по три лица осомничени за кражба на подземен воз на линијата Р. Кражбата била откриена околу 22 часот во саботата, соопшти Њујоршката полиција. Според полициските извештаи, вработените во МТА (Метрополитен транспортна управа) ѝ рекле на полицијата дека непознати лица влегле во празниот воз, го стартувале и го возеле на кратко растојание, при што скршиле неколку стакла.

Фото: принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Според Си-би-ес њуз, крадците објавиле видеа од своето возење на социјалните мрежи, објавија властите. На снимките се гледа дека се наоѓаат во кабината на возачот, додека еден управува со контролите, еден седи на влезната врата со нозете кои му виселе надвор од возот над шините, а трет стои зад него.

Според Њујоршката полиција, возот на линијата Р бил безбедно оставен на помошен колосек на станицата 71 Авенија во Квинс. Помошниот колосек се користи за складирање на возови кога тие не се во употреба.

Според Метрополитен транспортната управа (МТА), возот Р со број 9108 бил заклучен и без екипаж кога вработените се вратиле и забележале дека е преместен од првобитната локација – крадците го вратиле во област во близина каде што го земале. Вратите на возот биле заклучени, што сугерира дека користеле специјални клучеви за пристап до подземните возови.

„Тие очигледно знаеле каде е возот, како да го стартуваат и како да ги набават клучевите“, вели експертот за транспорт Роберт Пасвел. „Откако ќе го стартувате, сè што треба да користите е рачката за гасот – ја користите за да го стартувате возот и да го успорите“.

Сè уште не е јасно колку долго триото управувало со возот или колку далеку го возеле. Сепак, видеата на социјалните мрежи покажуваат дека возот се движел со голема брзина. Властите исто така рекоа дека осомничените биле облечени во црно, носеле црни маски и ги покриле камерите во возот со црн маркер.

Откако вработените во МТА утврдиле дека возот е преместен, го префрлиле во железничкиот двор во Квинс за да ги анализираат податоците од „црната кутија“ и да откријат каде и колку долго патувал возот. „Њујорк Сити транзит соработува со Њујоршката полиција во нивната истрага за овој инцидент“, рече портпаролот на МТА.

Инцидентот се истражува како дело на несовесно загрозување на безбедноста. Сè уште нема уапсени.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ