Ни полицијата ни Специјализираната структура за борба против корупцијата (СПАК) сè уште официјално не се огласиле за приведувањето на Вељиај, за кое се верува дека е поврзано со корупција.
Според извори на Радио слободна Европа, Специјализираниот суд наредил Вељиај да биде задржан во притвор, додека неговата сопруга ќе биде во домашен притвор.
Тој е уапсен врз основа на истрага отворена минатата година во врска со сомнеж за кривично дело „пасивна корупција на високи државни функционери или избрани локални функционери“, откако на 8 февруари 2024 е поднесена пријава во СПАК.
Вељиај на крајот на декември бил повикан во Специјализираната институција за борба против корупцијата. Тогаш на новинарите им кажа дека анонимно е пријавен од лице со име Нести Ангони.
„Ова лице не постои, знаеме какво име и култура на линч претставува овој стил. Ова е местенка. Ме нападна Нести Ангони за да нè врати во праксата на анонимни писма“, кажа тогаш Вељиај.
За случајот на Ерион Вељиај, премиерот на Албанија Еди Рама претходно изјави дека против градоначалникот на Тирана се води судски процес, и дека ќе заземе став во вистинскиот момент.
Првата реакција по приведувањето на Вељиај денес дојде од Љуљзим Баша, поранешниот градоначалник на Тирана и лидер на Демократската партија.
Тој кажа дека „Вељиај, со поддршка од премиерот Еди Рама, ја претвори градската општина Тирана во центар на корупцијата“.
„Ја поздравувам решителноста на СПАК да оди до крај со истрагите н корупција и ги охрабрувам правосудните институции да дејствуваат без колебање против корупцијата на високите нивоа, која ја уништува благосостојбата на албанските семејства“, кажа Баша.