Од Општина Центар велат дека претставниците на МВР биле информирани за последните инциденти во населбата Капиштец, дивеењето на хулиганите и уништувањето на детските игралишта, демолирањето на уличното осветлување и ограбување на комуналниот пункт во вечерните часови. Како што се нагласува, Општина Центар и официјално поднесе пријава до МВР, со пропратен материјал што би можел да помогне во истрагата. Договорено е полицијата да го зголеми присуството и патролите на терен.
Градоналникот Герасимовски на средбата го покренал и прашањето за локалите долж улицата Народен фронт, за прекумерната бучава и сообраќајниот метеж, за што беше поднесена и граѓанска петиција.
„Жителите на Капиштец побараа од нас да ги повикаме сите надлежни институции и министерства за да се стави крај на самоволието на угостителските објекти. Во таа насока со МВР договоривме да преземеме конкретни чекори за да им го вратиме мирот и на нив и на другите жители во општината кои имаат слични проблеми“, рече Герасимовски.
Во делот на сообраќајот и непрописното паркирање, договорено е Министерството за внатрешни работи да ги засили контролите на најфреквентните места и да биде обезбедена полициска асистенција за пајак службата на Општина Центар која ќе почне да делува и во трета смена, посебно во деновите пред и за време на викендите. Инспекторите на Општина Центар заедно со полицијата ќе делуваат засилено и во делот на регулирање на прекумерната бучава.