„Згрозен сум од чинот што се случи ноќеска кога колега полициски службеник нападнал друг колега пред угостителски објект којшто во тој момент извршувал службени дејствија. Напад врз полициски службеник е напад на држава! Истиот е лишен од слобода и повикувам внатрешна контрола и СВР Скопје да постапат соодветно и максимално професионално. Македонската историја не памети ваков случај на поранешен висок полициски функционер да нападне и спречи свој колега во извршување на својата службена должност“, напиша Бојмацалиев на Фејсбук.
Според него ова е преседан преседан во полициското работење.
„Повикувам максимално професионално да се расветли овој случај во интерес на граѓаните и државата“, посочува Бојмацалиев.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека ноќеска 40 минути по полноќ во угостителски објект на подрачје на Центар во Скопје, полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје го лишиле од слобода И.Б.(43) од Скопје, полициски службеник кој не бил на должност, затоа што физички нападнал полициски службеник кој извршувал службени дејствија.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава, се наведува во соопштението од полицијата.