недела, 2 февруари 2025

Почнуваат подготовките за локалните избори, за Скопје можни кандидати на ВМРО-ДПМНЕ се Перински и Ѓорѓиевски

Во владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ почнуваат подготовките за локалните избори кои треба да се одржат во ноември. Вчера Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и на Извршниот комитет на партијата изјави дека месецов ќе се извршат неколку интерни анкети за можните кандидати за градоначалници, но додаде дека партиското раководство има статутарно право да предложи и свои имиња за кандидати за градоначалници. Тие имиња се надвор од списокот, подготвен со предлози од општинските комитети во пресрет на локалните избори.

Објавено на

часот

Сподели

Од партиски извори се дознава дека за градоначалник на Скопје фаворит на Мицкоски бил актуелниот министер за локална самоуправа, Златко Перински, кој отворено изјавува дека би сакал да биде градоначалник на Скопје. Од друга страна пак, партиската база на градоначалничкото место за Скопје го гледа Орце Ѓеорѓиевски, актуелниот градоначалник на Кисела Вода. И тој во неколку наврати изјавува дека би го прифатил предизвикот за градоначалник на Скопје. Тука се споменува и името на Бобан Стефковски, сегашниот градоначалник на Гази Баба.

Вицепремиерот Изет Меџити деновиве изјави дека коалицијата Вреди и ВМРО-ДПМНЕ имаат план за заеднички настап на локалните избори – посебни советнички листи, но со поддршка на кандидатите за градоначалници, во првиот или во вториот изборен круг, во зависност од договорот што ќе го постигнат. Меџити најави дека по локалните избори на коалицијата Вреди ќе се приклучи уште една партија.

Од ЗНАМ велат дека засега на тема локални избори немале никакви разговори за меѓусебна поддршка со коалициските партнери. Од партијата на Максим Димитриевски велат дека во овој период се сконцентрирани на формирање на нови општински организации во пресрет на изборите, по што ќе следи процедура за потенцијалните кандидати. Димитриевски, градоначалникот на Куманово, деновиве изјави дека размислува за повторна кандидира за градоначалник, но конечната одлука ќе ја донесе партиското раководство по спроведените анализи и анкети по месните заедници.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ