среда, 12 март 2025

Почнаа преговорите Киев-Вашингтон, „Украина е спремна на сѐ за мир“ (ВИДЕО)

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека Москва очекува САД да ја информираат Русија за американско-украинските разговори.

Фото: МНР на Украина

Објавено на

часот

Сподели

Украина сака мир и е спремна за преговори за ставање крај на војната, изјави Андриј Јермак, главниот советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, денеска при пристигнувањето на разговори со американските претставници во Саудиска Арабија.

„Спремни сме да сториме сѐ за да постигнеме мир“, изјави шефот на кабинетот на украинскиот претседател, пренесува АФП.

Делегациите на САД и Украина ги започнаа средбите во Џеда, Саудиска Арабија, потврди украинското Министерство за надворешни работи, објавувајќи видео од пристигнувањето на украинската делегација на разговорите.

Новинарите накратко влегоа во просторијата, а средбата се одржува во еден хотел. Американскиот државен секретар Марко Рубио се насмевна „за камерата“ додека украинските власти седеа на масата спроти американската делегација. На разговорите присуствува и министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија, а во заднина се американското, саудиското и украинското знаме.

Во меѓувреме, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Москва очекува САД да ја информираат Русија за американско-украинските разговори што се одржуваат денеска во Саудиска Арабија, објави руската државна новинска агенција ТАСС.

Според извори на Ројтерс, специјалниот пратеник на претседателот Доналд Трамп, Стив Виткоф, планира да ја посети Москва оваа недела за да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.

Песков рече дека Кремљ навреме ќе ги објави информациите за какви било контакти со Виткоф, пишува Гардијан.

На прашањето дали е вистина дека Москва е спремна за шестмесечен прекин на огнот во Украина, тој одговори: „Има многу гласини во западните медиуми“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ