Во исто време, се поставува и потребната атмосферска канализација, како и други потребни зафати.
„Проектот опфаќа и санација и уредување на плоштадот во центарот на Глобочани, каде се наоѓа и споменикот на нашиот Стерјо Спасе. Истиот го подготвивме ние од општина Пустец со техничка поддршка на Регионалната дирекција за култура на округот Корча и се реализира со финансиска поддршка на Европската Унија, Министерството за култура на Албанија и на Македонија во рамките на проектот „Смарт4ју2″, информираше за МИА градоначалникот на Пустец, Пали Колефски.
Тој додаде дека целта на проектот е да го зголеми туристичкиот потенцијал на Преспа преку создавање олеснувачка инфраструктура за поврзување на центарот на селото Глобочани со Куќата музеј на Стерјо Спасе.
„Градиме заедништво, градиме мостови меѓу регионите со поддршка и промоција на туризмот“, посочи Колефски.
Музејот беше отворен во март минатата година и станува сѐ почеста дестинација за туристите, а се одржуваат и настани од значење на Македонците.
Стерјо Спасе родум е од селото Глобочани, едно од селата во општина Пустец, Албанија, област населена со Македонци. Тој е еден од најпознатите писатели, чиј познат роман „Зошто” го најавил создавањето на современа литература во Албанија.