Живко Павлов цел живот професионално се занимаваше со хумор и само со хумор. Најмногу во „Остен“, како и во други весници и списанија, и е автор на илјадници афоризми, епиграми, хуморески и сатирични текстови. Павлов е објавуван во најголемите хумористични списанија на Балканот, како и во Русија.
Велешанец по потекло, за кого случајот барал да се роди во Куманово на 9-ти мај 1940 година, подоцна – датум прифатен како Ден на победата над фашизмот. „Затоа цел живот трпам порази“ имаше обичај во шега да каже Живко.
Живко Павлов за себе ќе рече дека дури кога ја наполнил 60-тата година, успеал да ја заврши Академијата за хумор и сатира, во класата на професорот Живко Павлов.
Ги има објавено книгите: „Пладневни кукурикања“ (прва книга афоризми и епиграми во повоената македонска литература); „Македонска поетска пародијада“ (прва книга пародии кај нас), па „Дамира во царството на сетилата“ (заедничка книга со Љупчо Силјановски), „Хумпрофор“ (заеднички проект со Владо Десовски), како и книгата на хумористични епиграми „Смеаториум“. Павлов е автор и на хумористичната книга – Часови за деца родени со диплома „Лелектира“.
Погребот ќе биде утре на гробиштата Бутел во Скопје, а опелото ќе се одржи во капелата со почеток во 12:30 часот.