петок, 18 октомври 2024
Жална вест

Почина композиторот Љубомир Бранѓолица

Објавено на

часот

Сподели

Љубомир Бранѓолица е уникатна фигура на македонската музичка сцена во втората половина на дваесеттиот век. Во неговиот исклучително богат творечки опус ќе најдете и опери и балети, и камерни и хорски композиции, и популарни песни и аранжмани на творби од други, наши и странски автори. Балетскиот опус на Бранѓолица опфаќа 18 целовечерни балети. Сите (освен „Бајазит и Оливера“) се изведени на сцената на Македонската опера и балет во периодот од 1959 („Велеградски варијации“) до 2013 („Александар Македонски“). Беше автор и на популарна музика, меѓу нив и на евергринот „Езеро мое“ што го испеа Нина Спирова.​​​​​

Бранѓолица е роден во Херцег Нови на 19 август 1932 година. Музичкото образование го започнува во Загреб и во Риека. Од 1950 година работи како пијанист во Уметничкиот ансамбл на Армијата на поранешна Југославија во Белград и тогаш го пишува делото „Интермецо“ за пијано и оркестар, а во 1954 година трајно се преселува во Македонија. Од 1957 година е корепетитор во Балетот на Македонскиот народен театар. Во 1966 година се вработува во Македонската радио-телевизија каде што останува до крајот на работниот век извршувајќи функции на музички уреденик и музички продуцент.

Како автор на филмска музика, дебитира во 1964, со музиката за документарниот филм „Кеј 13 Ноември“, по што следува негово учество и во други документарни и играни филмови. На 18 март 2006 ја доби и наградата за животно дело „Трајко Прокопиев“, која ја доделува Сојузот на композиторите на Македонија.

Лани, Андреј Блажевски постави дела од Бранѓолица  во дигитална форма на онлајн платформата ljubomirbrangjolica.wixsite.com/brangjolica, заради евидентирање и трајно зачувување на материјалните партитури во дигитален формат.

Од проектот произле каталог со список на дела од Бранѓолица, групирани во категории, во зависност од инструменталниот состав (инструментариум) за кои се наменети.

„Постојат дела од авторот Бранѓолица, за кои знаеме дека се создадени и изведени, но за сега не успеавме да пронајдеме нотен запис од нив. Оваа интернет архива содржи евидентирани и дигитализрани дела кои ги најдовме и се во домашниот архив на композиторот Бранѓолица. Во оваа фаза беа вклучени сите податоци кои беа познати, впишани на самата партитура како на пример, автор на текст, година на создавање итн. За преостанатите податоци и дополнување потребни се дополнителни музиколошки истражувања и анализи, кои верувам дека би резултирале со создавање на еден обединет сеопфатен музиколошки труд за ликот и делото на композиторот Бранѓолица“, рече лани Блажевски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ