петок, 18 октомври 2024

По три децении во Сараево ќе им биде кренат споменик на Адмира и Бошко

Објавено на

часот

Сподели

Спомен плочата ќе биде поставена со претходен договор со Недрета и Амела Исмиќ, мајката и сестрата на Адмира, кои го одобриле идејното решение за спомен плочата, чиј автор е босанскохерцеговскиот скулптор Адис Лукач.

Давор Сучиќ, фронтменот на групата Забрањено пушење, дал согласност на спомен плочата да се испишат стихови од неговата песна посветена на Бошко и Адмира.

„Со овој чин ќе биде исправена долгогодишна неправда. Љубовната приказна за сараевските Ромео и Јулија го обиколи целиот свет, а на овој начин ќе добијат трајно обележје на местото на кое таа трагично заврши“, изјави Срѓан Мандиќ.

Пред 30 години, младата двојка од Сараево, Адмира Исмиќ и Бошко Бркиќ, биле убиени во обидот да го напуштат опколениот град.

Убиени се со истрели од снајпер во близина на мостот Врбања, во центарот на градот.

Тие биле од различни националности – Адмира била Бошњачка, а Бошко Србин и планирале од окупираниот град да преминат на територијата под контрола на војската на Република Српска, а потоа да заминат подалеку од земјата погодена од војна.

Американскиот репортер Курт Шорк тврдел дека постоел договор на надлежните, од босанска и српска страна, двојката да ја премине линијата на разграничување.

„Бошко и Адмира оделе најмалку 500 метри по десниот брег на Миљацка, целосно изложени на погледите на војниците од двете страни. Откако ја поминале линијата под контрола на босанската страна и тргнале кон населбата Грбавица под контрола на Србите, некој ги застрелал“, напишал Шорк.

Нивните безживотни тела седум дена лежеле на мостот Врбања, а осмиот ден биле извлечени и погребани на гробиштата во Лукавица, во Република Српска.

Никогаш не е утврдено кој го испукал смртоносниот рафал кон младата двојка.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ