четврток, 23 јануари 2025

По пауза од шест години почна вештачкиот мрест на Охридското Езеро

На Охридското Езеро во тек е изловот на полово зрели единки на ендемичниот вид пастрмка, што се користат за измолзување односно собирање икра за вештачки мрест. По пауза од шест години се врши вештачки мрест на Охридското Езеро. За мрестот се задолжени Научната установа Хидробиолошки завод Охрид и Институтот за сточарство во Скопје кој има инсталации за порибување во Струга, со кои Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство склучи договор минатата година.

Фото: Архива

Објавено на

часот

Сподели

На активностите денеска на терен присуствуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, кој посочи дека станува збор за активност насочена кон заштита на тој ендемичен вид риба.

„Оваа активност е многу важна за нас како Министерство и како држава оттаму што со тоа се зачувува охридската пастрмка како едно од нашите национални богатства. Наредната година продолжуваме со зголемена финансиска поддршка што ќе значи поголем број млади единки со кои ќе биде порибено Охридското Езеро“, рече Трипуновски.

Станува збор за порибување на езерото со подмладок охридска пастрмка што ќе биде одгледуван во капацитетите за инкубација на Хидробиолошкиот завод и на мрестилиштето во Шум, кај Струга.

Според она што беше истакнато денеска, оваа сезона од 16 јануари досега се собрани 250 илјади зрна икра, што ќе бидат одгледувани во Хидробиолошкиот завод.

Планирано е оваа година Охридското Езеро да биде порибено со милион и педесет илјади парчиња подмладок, од кои 600 илјади подлмадок одгледан во Хидробиолошкиот завод и 450 илјади парчиња млада охридска пастрмка одгледана во мрестилиштето во Шум.

Активноста за вештачко порибивање следува по пауза од шест години.

„Жалам што тоа не се случувало изминатите години, што практично придонесе за уште поголема загрозеност на пастрмката. Од минатата и наредните години ќе продолжиме со засилено темпо за да го одржиме можне важниот вид охридска пастрмка“, рече министерот Трипуновски.

Што се однесува на физичката заштита на пастрмката и вкупниот фонд риба во Охридското Езеро, министерот посочи дека со новата риболовна основа езерото е поделено на седум зони, постапката е завршена и е во фаза на склучување договори со шест избрани субјекти.

„Како контрола и следење на активноста на идните концесионери, веќе е разговарано со граничната полиција и Инспекторатот за земјоделство како надлежна институција. Законите ќе мора да се почитуваат и сите институции задолжени за следење на работата на концесионерите ќе дадеме се од себе да спречиме злоупотреби. Повторувам, ова е мошне важно за заштита на еко-системот на Охридското Езеро“, рече Трипуновски.

Според Орхидеја Тасевска, директорка на Хидробиолошкиот институт Охрид, последиците од неспроведувањето на вештачки мрест на Охридското Езеро, според Тасевска се загрижувачки, на што укажуваат резултатите од анализите спроведени во рамки на пилот проектот за следење на рибната популација во Охридското Езеро, што го спроведе Хидробиолошкиот институт во 2021 и 2022 година.

„Се забележуваат одредени промени, односно дисбаланс во однесувањето во популациите, во нивниот животен циклус, промени во начинот на исхрана, дисбаланс во генерациите и возрасните големини кои ги среќававме во езерото во текот на истражувањето. Доколку продолжеше паузата на вештачки мрест и порибување на охридската пастрмка секако би била загрижувачка состојбата“, изјави Тасевска.

Активностите за порибување на Охридското Езеро се реализираат во соработка со Хидробиолошкиот завод од Охрид, со финансиска поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Заловените полово зрели единки ендемичен вид охридска пастрмка по измолзувањето се враќаат во Охридското Езеро.

Популацијата на ендемичниот вид охридска пастрмка е во опасност, причината за тоа се мнофу фактори, но најмногу поради неконтролираниот излов односно рибокрадството.

Само во периодот од летото минатата година досега во акции за спречување нелегален риболов од езерото се запленети вкупно 709 парчиња рибарска мрежа, во вкупна должина од 47 километри.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ