четврток, 13 март 2025

Пласидо Доминго пристигна во Скопје и се подготвува за првата концертна средба со македонската публика

Славниот шпански тенор и диригент Пласидо Доминго, кој утре треба да одржи концерт во арената „Борис Трајковски“, вчера пристигна во Скопје. Без ни минута одмор, славниот маестро од аеродромот директно се упати кон Националната опера и балет, каде што заедно со оркестарот на НОБ ја одржаа првата проба, соопштија организаторите на концертот.

Објавено на

часот

Сподели

„Со голем ентузијазам и воодушевување успшено заврши првата проба. Во исклучително инспиративна атмосфера, маестро Доминго ја покажа својата врвна уметност и посветеност, а оркестарот, инспириран од неговото присуство, одговори со извонредна прецизност и емоција, создавајќи атмосфера што го најавува она што ќе биде еден од дефинитивно најспектакуларните концерти во историјата на македонската музичка сцена. Ова доаѓање не е обичен концерт – ова е историски момент за македонската културна сцена. Гласот што одекнувал низ најпрестижните театри во светот, на 14 март ќе ја исполни сцената во арена „Борис Трајковски“, а енергијата на неговото присуство веќе се чувствува меѓу музичарите и љубителите на операта. Македонија го дочекува Доминго со восхит, а легендата започнува да ја испишува својата најнова музичка приказна. Се гледаме во арена ‘Борис Трајковски’ “, се наведува во соопштението пред утрешниот концерт на славниот шпански тенор.

Со Пласидо Доминго ќе настапи и Марија Хозе Сири – една од водечките сопрани во светот, заедно со оркестарот на Македонската опера и балет. Концертот ќе го диригира шпанскиот диригент Жорди Бернасер, кој од 2012 година соработува со Пласидо Доминго. Тој е еден од врвните шпански диригенти.

Концертот во арената „Борис Трајковски“, што го организира Македонската опера и балет со Прагма продукција, почнува во 21 часот.

Како што истакна директорот на Македонската опера и балет Оливер Арсовски на неодамнешната прес-конференција, овој концерт е шанса за позиционирање на државата на светската сцена. Арсовски потенцира дека маестро Пласидо Доминго има кариера, која се протега 50 години, и е заслужен дел од светската оперска уметност. Досега имал над 150 солистички улоги, над 4.400 настапи и над 600 настапи како диригент. Доминго е едно од најпочитуваните имиња во класичната музика, освојувајќи безброј признанија, вклучително и 12 „Греми“ награди. Доминго бил член на Тројцата тенори, режисер, диригент, почесен уметнички директор на Стогодишниот фестивал Арена ди Верона и генерален директор на Операта во Лос Анџелес и Националната опера во Вашингтон.

Марија  Хозе Сири, пак, е драмски сопран број еден во светот. Имала над 150 настапи, а во 2010 година настапила на Мајските оперски вечери.

Оперскиот концерт ќе има два дела. Првиот дел ќе биде со дела од италијанската музичка литература, а во вториот дел ќе биде проткаен со шпанското музичко творештво и со неколку арии од оперетите на Штраус и Лехар.

Маестро Доминго во пресрет на концертот преку видео, изрази задоволство што ќе настапи во земјава и најави настан што долго ќе се памти.

„Програмата на концертот ќе ги разбуди сите емоции: радост, смеа и се надевам, моменти кои ќе ги паметиме засекогаш. Ова е моја прва посета на Македонија и навистина сум возбуден што конечно ќе ја доживеам магијата на вашата прекрасна земја”, порача Пласиди Доминго.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ