среда, 16 октомври 2024
Левица бара итна реакција од надлежните институции

Планина од отпад во Шуто Оризари, депонијата е сериозна закана за здравјето на граѓаните

Скопската дива депонија во Шуто Оризари претставува алармантен проблем што бара итна реакција од надлежните институции, реагираат од Левица.

Објавено на

часот

Сподели

Од партијата велат дека од ден на ден, oваа депонија се шири и зголемува, создавајќи вистинска планина од отпад и тоа само на пет километри од центарот на главниот град.

„Tоа e сериозна закана за животната средина и здравјето на граѓаните, но, истовремено е и срам за нашата урбана средина. Земјиштето на кое е лоцирана оваа депонија е комбинација на државна и приватна сопственост. Загрижувачки е фактот што најголемиот дел од нејзините парцели се под управa на Министерството за одбрана“, се вели во соопштението на партијата.

Прашањата кои ги наметнуваат оттаму се следниве: „Дали е Министерството свесно за присуството на депонијата на својата територија?, кој дозволува одлагање на отпадот на оваа локација?, дали, можеби, станува збор за специфичен вид на отпад, па дури и за воен отпад?

Од Левица додаваат дека оваа територија е класифицирана како плодна земјоделска почва и пасишта.

„Во време кога Македонија се соочува со уништување на земјоделското земјиште поради изградба на фотоволтаици, сега сме сведоци на нов вид на деградација – депонирање на непознат отпад на плодни површини. Ова е двоен удар за животната средина и за аграрот, кои веќе се борaт со бројни предизвици. Депонијата во Шуто Оризари не претставува само еколошка закана, туку и директен ризик за здравјето на граѓаните. Храната што се произведува на земјоделските површини во непосредна близина на оваа депонија завршува на трпезариската маса во многу домови. Со контаминирањето на почвата и подземните води, опасните супстанци и токсични материи од депонијата можат да се најдат во храната што ја консумираме, со што се нарушува здравјето на населението“, се вели во реакцијата на Левица.

Од партијата додаваат дека ќе поднесат претставки до Општина Шуто Оризари, Град Скопје и Државниот инспекторат за животна средина.

„Сите oдговорни институции мора итно да преземат мерки за расчистување на депонијата и да најдат кој е одговорен со управувањето со овој простор и кој дозволил да никне дива депонија во непосредна близина на Скопјe“, додаваат од Левица.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ