Додека многу видови пингвини се сметаат за социјално моногамни, идејата дека тие избираат романтични партнери за живот е широко распространета заблуда, пренесува РТС.
Таков е случајот и со малите пингвини на островот Филип во Австралија, кои често ги наоѓаат истите партнери од година во година. Сепак, експертите сметаат дека стапката на „развод“ понекогаш може да достигне и 50 проценти.
Во период од 12 сезони на размножување, научниците од Универзитетот Монаш изброиле 250 „разводи“ меѓу колонија од речиси илјада спарени пингвини. Тоа е речиси 21 развод годишно помеѓу 2000 и 2013 година.
За да се стави сè во перспектива, годишната стапка на разводи, на пример, во САД е околу 2,4 брака на илјада, што е речиси 10 пати помала од онаа на малите пингвини.
Целата колонија на островот Филип брои повеќе од 37.000 мали пингвини, но експертите објаснуваат дека нивниот примерок е добар показател за тоа што се случува во поголем обем.
Истражувачите броеле „разводи“ меѓу пингвините кога обележан пингвин од минатогодишната сезона на парење ќе се појавел со нов партнер.
Како што често се случува со луѓето, одлуката на пингвинот да замине или да остане во пар е често под влијание на тоа дали тие имаат потомство.
„Кога е добра година, тие често остануваат со своите партнери, иако дури и тогаш нешто се случува на страна“, објаснува физиологот по екологија Ричард Рејна од Универзитетот Монаш, кој ја проучува колонијата веќе 20 години.
„Сепак, во лоши репродуктивни сезони, тие може да се обидат да најдат нов партнер за следната сезона за да ја зголемат шансата за успешно парење“, додава Рејна.
Се заклучува дека малите пингвини не се премногу верни, но не се единствениот тип на пингвини што ја разбиваат нашата илузија за „вечна љубов“.