„Иако во моментов не можеме со сигурност да утврдиме бидејќи не ја знаеме точната траса, сепак, Македонија е напластена со археолошки локалитети од сите епохи и култури и сигурно е дека, особено на Коридорот 8, ќе биде пронајден некој археолошки локалитет особено помеѓу Требеништа и Ќафасан“, вели за МКД.мк Петров.
Тој вели дека ниту никој ниту им ги доставил предложените измени ниту ги прашал дали можат да се направат тие измени и дали тие ќе може да се применат на терен.
„За да добиете одобрение за градба мора да имате обезбедено дозвола од надлежните институции за заштита на културното налсдество кај кои и се пријавуваат ваквите пронајдоци. Но со предложените измени евентуалните пронаоѓалиште ќе се пријавуваат кај надзорниот инженер кој нема да има никаква обврска пронајдокот да го пријави кај надлежните. Исто така со измените е пропишано дека тој ќе ги чува и ќе се грижи за евентуалните откритија. При тоа никаде не е пропишано како ќе го прави тоа. Излегува дека надзорниот инженер во исто време ќе биде и археолог“, вели Петров.
Утре на 112 собраниска седница на дневен ред се девет предлог-закони за измени на Законот за заштита на културното наследство, Законот за градба, Законот за земјоделско земјиште, Законот за експропријација, Законот за урбанистичко планирање, Законот за минерални суровини, Законот за шуми, Законот за работни односи и за Предлог – закон за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија.
Сите измени на овие закони се предложени да бидат донесени по скратена постапка. Тоа значи дека пратениците нема да расправаат и да гласаат дали воопшто се потребни измените на овие закони туку, претседателот на Собранието, Талат Џафери веднаш ќе ги задолжи надлежните собраниски комисии тие да расправаат по предложените измени на овие девет закони. По ова, законите се враќаат на собраниска седница по што се прескокнува првото читање на законот и се преминува кон второ и трето читање. Пратениците кои имаат забелешки (амандмани) по однос на предложените измени ќе може да ги поднесат до почетокот на седницата на која ќе се гласаат измените.
Македонското археолошко друштво утре на протест ќе ја искаже загриженоста и револтот против измените на законите за изградба на Коридорите 8 и 10д.
„Очигледно е дека со предложеното додавањето на еден став во член 65 од Законот се прави обид за целосно заобиколување на Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство (УЗКН) и надлежните установи за заштита. Со предложените измени се овозможува бескрупулозно легално уништување на културното наследство во име на стратешко партнерство и јавен (бизнис) интерес“, реагираат Македонското археолошко друштво.
Искра Опетческа