среда, 29 јануари 2025

Петер Соренсен е новиот европски претставник за дијалогот на Белград и Приштина

Министрите за надворешни работи на државите членки на Европската Унија го потврдија именувањето на данскиот дипломат Петер Соренсен за иден претставник на Брисел за дијалогот на Белград и Приштина.

Принтскрин: Јутјуб

Објавено на

часот

Сподели

Соренсен е изборот на претставничката на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас за да го замени Мирослав Лајчак на оваа позиција.

Соренсен ја презема должноста на 1 февруари бидејќи на Лајчак мандатот му истекува на 31 јануари.

Претходно на 24 јануари амбасадорите на ЕУ го потврдија Соренсен на оваа позиција.

Данецот Соренсен има долгогодишно дипломатско искуство во структурите на ЕУ. Во моментов е виш советник во Европската служба за надворешно дејствување (ЕЕАС) за дигитална дипломатија.

За време на својата дипломатска кариера во ЕУ, Соренсен вршел неколку задачи на Западен Балкан. Тој служел како специјален претставник на ЕУ за Босна и Херцеговина и шеф на канцеларијата на ЕУ во Сараево. Тој беше и шеф на делегацијата на Европската Унија во Македонија.

Претходно Соренсен работел како советник во мисијата на Обединетите нации на Косово (Унмик), а беше и специјален претставник на високиот претставник на ЕУ во Србија.

За позицијата посредник во дијалогот конкурирал и поранешниот министер за надворешни работи на Финска Пека Хависто, кој исто така е запознаен со случувањата на Западен Балкан.

За оваа улога се спомнуваше и името на поранешниот претседател и премиер на Словенија, Борут Пахор. Тој минатата година призна дека е заинтересиран за оваа позиција. Меѓутоа, неодамна кажа дека нема да се кандидира за позицијата, бидејќи сфатил дека се бара повеќе дипломатско од политичко ниво.

За време на речиси петгодишниот мандат на Лајчак, Белград и Приштина го постигнаа Договорот за патот за нормализација на односите.

Договорот, кој не е потпишан, се смета за правно обврзувачки за двете страни, според ЕУ. Брисел ги обвини Србија и Косово дека не почнале да го применуваат договорот, порачувајќи дека тоа ќе влијае на патот кон европските интеграции на двете земји.

Дијалогот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово, со посредување на Европската Унија, почна во 2011 година. За време на процесот се постигнати неколку договори, но малку од нив се применети.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ