„Од 18 септември, среда, во тек е голема акција за барање и спасување на белгиски државјанин, кој се движел по позната патека Хај скардуш трејл, почнувајќи од нејзината 14-та етапа, во Хиноске, Албанија, со план за нејзино целосно завршување се до етапа 22, во Свети Наум, на Охридското Езеро. Во изминатите пет денови, во соработка со Интерпол, Граничната полиција и колегите од Планинската спасителна служба од Косово, пребарани се етапите 14 до 20, на територија од македонска и албанска страна. За жал, до овој момент не е пронајдена ниту една трага од исчезнатиот турист“, се вели во објавата.
Од Националниот сојуз на планинско спасување информираат дека претседателот на Сојузот е во постојана комуникација со конзуларното претставништво на Белгија во Албанија, кое ја покренало акцијата за пребарување, како и со МВР и Интерпол во земјава.
Во пребарување на теренот, како што информираат од НСПС, се вклучени волонтери од Планинската спасителна служба при Црвениот крст Охрид, Здружението за заштита и спасување Асклепиј од Скопје, водичи од Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина, Планинарски клуб Церн Камен од Вевчани, планинари од општина Ростуше, припадници на Граничната полиција, како и од Планинската спасителна служба од Косово, кои пребаруваат на албанска територија.