Рускиот претседател Владимир Путин е информиран за смртта на Алексеј Навални, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Претседателот е информиран“, рече Песков.
Тој додаде дека Федералната служба за извршување на затворските казни (ФСИН) врши проверка и дека не се потребни дополнителни налози.
„Колку што сега знаеме, во согласност со постојните правила, ФСИН ги врши сите проверки, ја разјаснува ситуацијата. Не се потребни никакви посебни инструкции, бидејќи постои процедура за такви ситуации, според која сега се раководи службата“, рече Песков.
Песков не ја коментираше причината за смртта на Навални и рече дека „тоа треба да го кажат лекарите“.
Навални почина денеска во Поправниот дом бр. 3 во рускиот автономен округ Јамало-Ненец, каде што беше затворен.