На средбата со граѓаните се зборувало и за актуелните измени на Законот за локална самоуправа, за кој присутните граѓани изразија голема поддршка, а дадоа и конструктивни предлози за зголемување на безбедноста во сообраќајот на подрачје на Аеродром, за стимулирање на младите спортски надежи и зачувување на зелените парковски површини. Беа разменети и конкретни предлози за надминување на проблемот со автошколите кои делови од населбите неосновано ги користат како полигони, како и за преземање на долгорочни решенија со кои ќе се надмине проблемот со загадувањето на воздухот и бездомните кучиња.
„Ме радува изразениот интерес кај граѓаните за соработка, што впрочем е и една од целите на нашите посети. Верувам, но и убеден сум дека заедно со нив, Општината, Владата и нас како Министерство, секој во рамки на своите ингеренции, ќе продолжиме да преземаме мерки и чекори за поголем напредок на општината од секој аспект, од кои најголема корист ќе имаат токму граѓаните“, изјави министерот Перински.
Утре, во 12 часот, како дел од теренските посети, министерот Перински, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, министерот за транспорт, Александар Николоски и в.д. градоначалникот Дејан Митески, ќе го најават почетокот на градежните работи за санација и реконструкција на скверот позади трговскиот центар Капитол. Овој проект е еден од осумте кои ќе се реализираат со средства од државниот буџет, одобрени на првиот јавен повик за финансиска поддршка на општините.