недела, 22 декември 2024

Перински во Белград разговарал за српските искуства во организацијата на општините

Министерот за локална самоурава Златко Перински денеска во Белград имал  билатерални средби со министерката за јавна администрација и локална самоуправа на Србија, Јелена Жариќ Ковачевиќ и со градоначалникот на Град Белград, Александар Шапиќ. „Разговаравме за предизвиците со кои се соочуваат општините во Србија и системските решенија кои ги користат за нивно надминување. Разменивме мислења и за легислативата која ја применуваат, како и за продлабочување на соработката“, вели Перински и додава дека го презентирал планот на македонската Влада за финансиска поддршка на општините.

Објавено на

часот

Сподели

„Ме радуваат добрососедските односи и билатералната соработка што е на високо ниво, но постои расположение и услови тие да се продлабочат, пред сѐ во однос на системските реформи за функционирање на системот на локалната самоуправа и развој на општините. Споделивме и разменивме искуства за начинот на организационата поставеност и функционалност на локалната самоуправа, а разговаравме и за суштинските законски решенија кои ги применуваме во таа област“, изјавила Жариќ Ковачевиќ по средбата со Перински.

Таа истакнала дека регионалната соработка е еден од приоритетите на Србија во насока на зачувување на стабилноста во регионот и целосна ориентација кон поинтензивна партнерска соработка во сите области. Таа изрази задоволство и од досегашната соработка меѓу двете земји, од користењето на ИПА Програмата за прекугранична соработка.

На средбата со првиот човек на српската метропола, Шапиќ, се разговарало за системската организираност на Град Белград и седумнаесетте градски општини, поделбата на ингеренциите меѓу нив, начинот на нивното финансирање, како и за функционалноста на јавните претпријатија.

„На министерот Перински му ги презентирав и нашите проекти со кои успеваме да го подигнеме квалитетот на живот на нашите граѓани, а го информирав и за начинот на управување со најбројната белградска општина, Нови Београд и со Град Белград, со оглед на моето повеќегодишно искуство како дел од раководењето со двете локални единици“, изјавил Шапиќ, по средбата со Перински во Стари двор.

И двајцата се согласиле дека Скопје и Белград се братски градови, уште пред нивното формално збратимување во 2012 година и токму тој факт треба да се искористи за продлабочување на соработката, ако се има предвид и територијалната близина и пријателски настроениот народ“, се додава во соопштението на македонското министерство.

„Сакав изворно да се информирам како Белград функционира без поголеми проблеми и успешно се справува со секојдневните ситуации од областа на јавниот превоз, јавната хигиена, воопшто, со сите услуги кои има обврска да ги испорачува на граѓаните. Разговаравме и за начинот на организација на комуналната полиција во Белград, ингеренциите кои таа ги има и бенефитите од нејзиното постоење“, изјавил Перински, по средбата со градоначалникот Шапиќ.

Според Перински, и двете одржани средби се од големо значење, бидејќи се запознал со позитивните практики на функционирање на локалната самоуправа во Србија и на српската престолнина и законите со кои тие се уредени, а истите ќе можат да се презентираат на планираните јавни дебати со сите засегнати страни, за законските измени од областа на локалната самоуправа во Македонија, кои ќе се адаптираат на потребите на граѓаните и за поефикасно функционирање на сите општини во земјава.

Инаку, Перински е во Белград на покана и во организација на Програмата за развој на Обединетите нации УНДП, каде учествува на дводневниот тематски дијалог „Од замисла до реалност: Спроведување инвестициски проекти“ каде се разговара за поттикнување на соработката меѓу земјите и меѓународните финансиски институции за искористување на ресурсите и разгледување на различните видови механизми за финансирање инфраструктурни проекти.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ