„Јавно ја искажав мојата амбиција за градоначалничкото место, но сепак, треба да му дадеме шанса на времето. Да видиме што ќе се случува во иднина, сепак, и околностите се важни во кои ќе се носи одлуката. Верувам дека предлогот кој ќе се даде од страна на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, до извршните тела во рамки на партијата ќе биде најсодветното решение и секако, убеден сум дека тој предлог кој и да е, ќе биде идниот градоначалник на Скопје. Во моментов навистина уживам во она што го работам, се трудам да го дадам максимумот, а да оставиме да видиме каква ќе биде одлуката на партиските тела па да видиме што ќе се случува“, рече Перински
Тој кажа и дека има многу визии за главниот град и оти на Скопје му е потребна долгорочна стратегија за развој.
„Скопје како град го зафати сивило, не сум видел насмевка на лице на ниту еден скопјанец и тоа е од многу фактори. А, ако тргнеме од елементарните како што се загадување, јавен превоз, одлагање на смет, тие се во делот на политиката, ние немаме нормален живот во Скопје. Немаме културен настан не се сеќавам од кога. Имаме културни домови во општините кои зјаат празни, немаат програми, немаме случувања за пензионерите, за повозрасните, за најмалите. Ако немаме трговски центар во сабота во зима немаме каде да отидеме“, вели Перински.
Според него, квалитетот на живот во Скопје е доведен на најниско можно ниво. Затоа смета дека веќе не може да се планира за еден четиригодишен мандат, туку на Скопје му треба долгорочна стратегија од најмалку 20 години, по примерот на големите светски метрополи.