„Не се укинуваат министерствата за локална самоуправа, туку се преименуваат. Затоа што другите држави, со нивната проактивност и свесност сфатиле дека ако ова министерство третира повеќе политики, повеќе закони, и ако не му се даде повеќе визибилност во системот, ќе губат средства од структурните фондови, кои самата ЕУ ги дава и во делот на пристапниот пат и во дел на полноправното членство. За нивна среќа, соодветно реагирале на време и го направиле тоа. Кај нас многу малку внимание во минатото е посветено на рамномерниот регионален развој. Главниот фокус е на локалната самоуправа и тоа е нешто што во периодот кој следува, преку една сеопфатна реформа во рамки на овој ресор, ќе го смениме.
Навистина, во многу малку земји има министерства за локална самоуправа. Обично тие министерства се за регионален и локален развој, или министерство за развој и кохезија… и се едни од најбитните министерства во рамките на функционирањето на една влада, зашто тие ја детерминираат онаа материја на рамномерен регионален развој. Главниот постулат на таа материја е дека никој не смее да биде оставен. Секој треба да имаат соодветни и идентични услови за живот“, вели министерот Перински.
За предизвиците со измените на Законот за локална самоуправа, вели дека тие произлегле од потребите на граѓаните.
„Законот за локална самоуправа е системски закон којшто се регулира со двотретинско мнозинство и „бадентер“, и е закон којшто не е отворан повеќе од две децении, што значи дека досега никој не го препознал како потреба дека треба да се моделира. Како системски закон е соодветен и бил резистентен овие две децении. Меѓутоа по дваесет и неколку години, нормално е дека се потребни одредени модификации. Оваа главна иницијација за отповикување на градоначалник се зароди од потребите на граѓаните. Тоа сме го имале во едно старо законско решение, и како предлог на Венецијанската комисија во извештај од 2019 година се наведува дека е добро и демократски, граѓаните да имаат можност како алатка – отповикување на градоначалник. Зашто во моментот сите јавни функционери може да бидат заменети, освен градоначалниците. За тоа да се случи, ние го отворивме Законот за локална самоуправа. Првата иницијална средба на експертската група со пошироката јавност се случи на 10 декември, на Годишната конференција за децентрализација. Влегуваме во оној консултативен процес преку инклузивност. Следната средба ќе ја правиме на 23, овој месец во Битола. Останатите средби ќе бидат после Водици, наредната година, меѓу 19 јануари и 20 февруари. На тие средби ги презентираме детектираните слабости пред градоначалниците и пошироката јавност, за да ги слушнеме нивните мислења, зашто сепак се работи за системски закон. И да не е прифатливо за градоначалниците, битно е да биде прифатливо за граѓаните. Никој не смее да тргнува од позицијата дека е вечен на функцијата. Ние го усовршуваме законско решение, не ограничуваме ничие право, ниту пак правиме некаква злоупотреба во насока на ограничување на надлежности. Идејата е преку иницијатива на граѓани да се соберат одреден број на потписи( тоа ќе го утврди експертскиот тим) и врз нивна основа, на тие потписи, да се иницира референдумско прашање. Како изготвено законско решение, до Собранието ќе го предложиме најдоцна до 30 март, наредната година“, наведува министерот Перински.
За можноста да се кандидира за градоначалник на Скопје, на локалните избори наредната година, Перински вели дека воопшто не го фаќа страв да биде кандидат , туку напротив, максимално е мотивиран и точно знае што треба да прави.
„Имам план како да ја реализирам мојата визија. Емотивно сум врзан за градот Скопје и искрено не можам да го поднесам сето тоа што му се случува на градот и на граѓаните. Целиот живот сум го поминал во Скопје и навистина сакам да имаме успешна градска приказна. Се соочуваме со основни нерешени проблеми во Скопје, а сакаме да се мериме со европските метрополи. Тоа едно со друго никако не оди. Едноставно, не треба да измислуваме топла вода. Само треба да погледнеме како функционираат другите градови од регионот. Погледнете ја Љубљана, погледнете го Загреб. Станува збор за делумно слични градови на Скопје и по површина и по број на жители“, изјави Перински.
Тој смета дека сите проблеми на скопјани можат да се решат во мандат од 4 години.
„Во оној момент кога ќе престанам да верувам дека можам да успеам, јас ќе се повлечам од политиката засекогаш. Мене навистина ми импонира да можам сега да придонесам за утре моето дете да се гордее со својот татко. Сакам да си ја одработам платата. И ова го кажувам најискрено. Ако се влезе со системски решенија, а не со парцијални решенија, тогаш сѐ е изводливо“, рече Перински во поткастот за Плусинфо.