недела, 19 јануари 2025

Костадиновски: Не постои дилема дека Уставниот суд ќе донесе одлука за предметот за Законот за употреба на јазиците

Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски и покрај барањата за оставка што ми ги упатува ДУИ, одговора на прашања поврзани со последните одлуките на судот во врска со Законот за употреба на јазиците, ја објаснува постапката  и целта на подготвителната седница.

Објавено на

часот

Сподели

Претседателот Костадиновски во интервју за ТВ 21 напомена дека веќе е во комуникација со претставници од Венецијанската комисија во врска со пријателскиот совет (аmicus curiae) за предметот во кој е оспорен Законот за употреба на јазиците.

„Апсолутно не чуствувам никаква одговорност и не сакам воопшто да коментирам. Jас неколку пати јавно имам истакнато дека воопшто не сакам да комуницирам, да коментирам изјави на политички партии и на претставници на политички партии. Но, како претседател на Уставниот суд сум должен да реагирам во случај кога политичките партии ќе покажат исклучително ниско политичко ниво, исклучителна ниска политичка култура да не зборувам за уставна или за правна култура зашто јас имам должност да го штитам интегритетот, дигнитетот на институцијата што ја преставувам и функцијата што ја вршам“, кажа Костадиновски.

Претседателот, д-р Костадиновски  објасни дека целта на закажување на подготвителна седница за Законот за јазиците е со цел зголемување на довербата на граѓаните, да се добие одговор за сите спорни прашања и од домашни и од странски експерти и децидно одговори дека предметот ќе биде одлучен, без оглед на притисоците и заканите кои се присутни и очигледни.

„Јас сум сигурен дека овој предмет ќе биде одлучен. Никој да нема дилема, му се допаѓало некому или не, овој предмет ќе биде одлучен. Кого тоа ние треба да прашаме кога треба да одлучуваме за овој предмет? Ние имаме јасна должност. Имаме иницијатива треба да постапиме, сензитивен бил предметот – да, но тоа нема никаква врска со нашето одлучување,  со никакво политичко,етничко расудување. Напротив државните органи, политичките фактори треба да бидат свесни, среќни затоа што судот ќе им даде уставно-втемелени аргументи, што во одреден закон е уставно, а што не е уставно. За нив тоа ќе претставува една рамка, ние им ја олеснуваме работата. Подготвителната седница е многу корисна. Подготвителните јавни седници се исклучително корисни затоа што во детали, во финеси навлегуваат во одредени спорни прашања, а веќе кажав дека ова е исклучително комплексен закон и сериозни иницијативи и одлуката наша, секако. Видовте каква е реакцијата во општеството, каква  атмосфера се создаде. Ќе има импликации, каква и да е одлуката. Затоа не е ништо страшно, напротив е исклучително корисно кога ќе се слушне струката, науката и меѓународните стандарди за одредени прашања. Тоа е еден од начините на кој ние ја градиме довербата, ја бараме довербата и ги уверуваме граѓаните во нашата непристрасност и независност. Тоа е еден од начините. Ова се правните аргументи – ќе ги судриме. Истото важи и за „пријателскиот совет” што е веќе побаран од Венецијанската комисија. Tочно е дека од Венецијанската комисија имаме правно мислење за законот. Тоа било побарано или од Владата, или од законодавецот, откако законот бил донесен. Но, ние употребивме друга алатка што ни стои на располагање „аmicus curiae”, а тоа значи пријателски совет . Тоа е кога уставни судови можат да го побараат мислење од Венецијанската комисија, во случаи кога ќе утврдат некои спорни правни прашања, особено во доменот на меѓународните и европските стандарди“, вели Дарко Костадиновски.

Претседателот на Уставниот суд, Костадиновски одговори на коментарот на премиерот  Христијан Мицкоски дека на седницата во средата „ништо нема да се случи” и истакна:

„Не е точно дека вчера ништо не се случи. Вчера Уставниот суд донесе одлука која значи продолжување на постапката. Ние ја продолжуваме постапката, таа е почната и таа постапка ќе биде окончана. Така што, не е точно дека ништо не се случи. Подготвителните седници се многу важна алатка во работата на Уставниот суд, особено за предмети кои се комплицирани и исклучително комплексни и последиците од евентуалните одлуки може да имаат импликации. Самиот факт дека станува збор за предмет кој допира сензитивни теми и чувства на наши граѓани за кои сме ние апсолутно свесни, носи комплексност. Самото тоа што се поднесени 13 иницијативи во кои разни аспекти, одредби од законот обработени од разни уставни агли , целиот закон, указот за прогласување на законот… налага  да Уставниот суд да ги исцрпи сите можни средства за да ги увери и граѓаните и самите судии со чиста совест да донесат уставно втемелена одлука. Во суштина, Уставниот суд ќе треба да го толкува амандманот V од Уставот. Каква и да биде одлуката, јас не можам да ја прејудицирам. Но, самиот факт што oдиме на подготвителна седница значи дека веќе имаме спорни правни прашања за кои ни треба помош и од струката и од меѓународните стандарди, за ние да можеме како судии да ги градиме нашите мислења и ставови во моментот кога треба да одлучуваме. Самото толкување на амандманот V е исклучително комплексна и сериозна работа”, кажа Костадиновски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ