среда, 4 декември 2024

Парламентот на Јужна Кореја бара импичмент на претседателот

Јужнокорејските парламентарци денеска ќе побараат импичмент на претседателот на земјата, кој прво ја прогласи, а потоа ја укина вонредната состојба, предизвикувајќи ја најголемата политичка криза во земјата во последните неколку децении.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Прогласувањето на вонредната состојба предизвика судир меѓу претседателот Јун Сук Јеол и парламентот, кој го отфрли обидот за суспензија на политичките активности и цензурирањето на медиумите, при што вооружени војници влегоа во зградата на парламентот во главниот град Сеул.

Коалицијата на опозициски партии планира уште денеска на дневен ред да стави предлог за импичмент на јужнокорејскиот претседател, за кој потоа треба да се гласа во рок од три дена.

Оставките веќе се понудени од шефот на кабинетот на Јун и секретарката, изјави претставник на кабинетот на претседателот.

Јун Сук Јеол во вторникот им се обрати на граѓаните преку телевизија за да ја објави одлуката за воведување вонредна состојба за одбрана на земјата од Северна Кореја и антидржавните сили и за заштита на уставниот поредок.

Набргу потоа следеа хаотични сцени. Војници се искачија во зградата на парламентот преку скршени прозорци, додека над нив летаа воени хеликоптери. Парламентарците во обид да ги оттурнат војниците ги прскаа со пена од противпожарен апарат.

Армијата соопшти дека ќе бидат забранети активностите на парламентот и политичките партии, а медиумите и издавачите ќе бидат ставени под надзор на воената команда.

Сепак, неколку часа по прогласувањето на вонредната состојба, 190 од 300 пратеници едногласно побараа нејзино укинување, меѓу кои и 18 претставници од партијата на претседателот. Затоа, Јун Сук Јеол мораше да ја повлече својата одлука, како што налагаат јужнокорејските закони.

Демонстранти се собраа пред зградата на парламентот и извикуваа „Победа, победа“. Многу поголем број демонстранти се очекуваат во среда, кога митинг планира Корејската конфедерација на синдикати, која повикува на штрајк додека Јун Сук Јеол не поднесе оставка.

Американската амбасада ги повика граѓаните на САД да ги избегнуваат областите каде се очекуваат протестни собири, додека некои од најголемите компании, како што е Ел-џи, ги советуваат вработените да работат од дома.

Водечката опозициска Демократска партија исто така бара оставка од претседателот кој е на функција од 2022 година.

„Иако воведувањето вонредна состојба е запрено, тој не може да ги избегне обвинувањата за предавство. Претседателот Јун повеќе не може нормално да ја води државата. Тој треба да се повлече“, рече член на партијата Парк Чан-дае.

За да помине барањето за импичмент во парламентот потребна е поддршка од две третини од пратениците. Во тој случај, барањето доаѓа до Уставниот суд, кој ќе ја донесе конечната одлука, а за потврда на импичментот е потребно и двотретинско мнозинство, односно шест од девет судии.

Партијата на претседателот има 108 од 300 претставници во парламентот. Доколку Јун Сук Јеол биде сменет или самиот поднесе оставка, ќе биде заменет од премиерот Хан Дак-су до нови избори.

Јун Сук Јеол стана претседател на земјата по најнеизвесните претседателски избори пред две години, кога победи на бранот незадоволство на граѓаните од економските политики и скандали.

Сепак, многу брзо ја изгуби популарноста, неговата работа ја поддржуваат само околу 20 отсто од гласачите.

Прогласувањето на вонредна состојба била честа појава во Јужна Кореја од 1948 година, но последниот таков случај е забележан во 1980 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ