недела, 3 март 2024

Париз ги забранува електричните тротинети

Објавено на

часот

Сподели

Помеѓу 85,77 и 91,77 отсто од граѓаните гласале за забраната во 20-те париски окрузи што ги објавија резултатите, се наведува на веб-страницата на Градот Париз. Гласањето беше наведено како ретка „јавна консултација“ и предизвика долги редици пред гласачките кутии во градот.

„Гласав против затоа што Париз е хаос“, изјави железничкиот работник Ибрахим Беутчутак (47) за Ројтерс ТВ. „Начинот на кој е организиран, опасноста што ја создаваат во Париз, визуелното загадување, сето тоа не е добро“, рече тој. „Во нашата работа гледаме многу сообраќајни несреќи предизвикани од овие тротинети, така што навистина ги гледаме негативните ефекти“, изјави 38-годишната докторка Одри Кордие за Ројтерс откако гласала против.

Враќајќи се дома од пикник на брегот на Сена во август 2022 година, Жастин Хејли преминувала на семафор кога ја удрил електричен тротинет. „Воопшто не го видов и не го слушнав“, вели фризерката на 40-тина години.

„Само се сеќавам како тротинетот ме удри по нога и паднав на страна“, додаде таа. Додека нејзината пријателка ѝ помагала на Жастин да стане, девојката што ја удрила застанала да ја праша дали е добро. Откако Жастин рекла дека е добро, девојката брзо се оддалечила.

„Таа не причека, а јас не сфатив колку е лошо бидејќи сигурно бев во шок“, додаде таа. До моментот кога стигнала на другата страна од патот, грутка со големина на јајце ѝ набабрела на листот, каде што била удрена од тркалото на тротинетот. Болката ја зашеметила.

„Не можев да одам. Не можев да станам“, рече таа. Рендгенот во болницата покажал дека ништо не е скршено, но ѝ биле потребни две недели за пак да оди нормално. „Бев истрауматизирана од тоа. Два или три месеци подоцна, ќе се стресев кога ќе здогледав електричен тротинет додека поминував улица. Дури и сега веројатно сум повнимателна кога поминувам улица во Париз отколку порано“, додала таа.

Кога Париз во 2018 година го воведе изнајмувањето самопослужни електрични тротинети, стана светски лидер во прифаќањето на новиот начин на транспорт. Тротинетот беше претставен како зелена алтернатива на автомобилите што ги исполнува еколошките цели на градот. Попустливата регулација и брзото проширување на велосипедските патеки влијаеја на ширењето на овој начин на транспорт.

Хаос за пешаците, велосипедистите и автомобилите

Загриженоста за безбедноста датира од нивното воведување во 2018 година. „Беше хаос“, вели Ерван ле Паж, директор во Тјер, една од трите компании за изнајмување електрични тротинети (заедно со Лим и Дот) во Париз. „Имавте повеќе од 20.000 тротинети и околу 20 различни компании што управуваат со нив“, додаде тој.

Ненадејната навалица на електрични тротинети – без посебни места за паркирање и без многу правила за користење – предизвика хаос кај пешаците, велосипедистите и автомобилите. Оттогаш, Париз се обидува да го регулира ова прашање. Бројот на достапните електрични тротинети е ограничен на 15 илјади, воведени се ограничувања на брзината, казни за прекршоци и посебни зони за паркирање.

Трите даватели на услуги – Тјер, Лим и Дот – исто така се вклучија во технолошките иновации за да ги спроведат прописите. На пример, Геофенсинг може автоматски да ја намали брзината на возилото во одредени зони и да им наплаќа на корисниците за паркирање во одредени области.

27 смртни случаи минатата година

Во секоја петта несреќа, електричен тротинет користат повеќе лица, па се подготвуваат технологии што би спречиле две лица истовремено да го возат тротинетот. Темпото на подобрување е брзо и има потенцијал за повеќе, вели Ле Паж. „Нашата индустрија не постоеше пред пет години. Стапката на подобрување во последните пет години надминува 50 години од автомобилската еволуција“, додаде тој.

Сепак, проблемите сè уште постојат. Опасно паркираните електрични тротинети се честа појава и бројот на сообраќајните несреќи се зголемува од година во година. Бројот на загинатите возачи на електрични тротинети и пешаците погодени од нив во Париз се зголеми во 2022 година. Во Франција, тие предизвикаа најмалку 27 смртни случаи во 2022 година, во споредба со 22 во 2021 година и 7 во 2020 година. „Тркалата не изгледаат многу големи, но тоа е она што ме погоди“, вели Жастин.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ