Ова меѓу другото беше истакнато на панел дискусија „Евро-атлантската безбедносна динамика: Предизвици за НАТО, Европа и процесот на проширување кон Западен Балкан”, што се одржа во организација на Фондацијата Конрад Аденауер (КАС) и Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски истакна дека во свет кој се повеќе е поларизиран, неопходно е да продолжиме да работиме заедно со нашите сојузници и партнери, да изградиме поправеден, одржлив и траен меѓународен поредок.
„Веруваме само дека преку заеднички напори и демонстрирање на единство, можеме да создадеме простор во кој сите држави ќе имаат можност и да ги промовираат своите ставови, и да ги споделат своите грижи. Затоа нашата заложба е насочена кон продлабочување на меѓународната соработка, заснована врз меѓусебно разбирање и почит, но и зачувување на нашите заеднички вредности“, рече Муцунски.
Според него, во време на зголемени безбедносни предизвици, се соочуваме и со современи закани, кои вклучуваат хибридни и сајбер напади, дезинформации, вклучително и економска принуда и употреба на енергетските ресурси како оружје, во насока на вршење на притисоци и уценување.
– Сметаме дека градењето на отпорност на општествата преку зајакнување на нашите институции, по принципот на сеопфатен општествен пристап, претставува соодветен одговор. Безбедноста и стабилноста на нашата земја е нераскинливо поврзана со безбедноста и стабилноста и развојот на целокупниот Западен Балкан. Наша заложба е придонесот за зајакнување на регионалната соработка, преку механизми со кои ќе се обезбеди местото на земјите од регионот во европското и евроатлантското семејство, таму кадешто природно припаѓаме. Кон крајот на овој месец ќе одбележиме 5 години од зачленувањето во НАТО, согласно зацртаните определби, нашата држава е целосна посветена и активно придонесува заедно со сојузниците и Алијансата за зачувување на мирот и стабилноста, истакна министерот.
Васко Наумовски професор од Правниот факултет „Јустинијан Први“, поранешен вицепремиер за европски прашања и поранешен амбасадор во САД, истакна дека дилемите што се отвораат во изминатите неколку недели и за нас како држава, се однесуваат пред се во различноста на ставовите за глобалните прашања што постојат меѓу досегашните традиционални партнери.
„Според она што го гледаме, ние се обидуваме да водиме една поавтономна долгорочна политика, и во контексот во кој се наоѓаме треба да бидеме особено внимателни и во односите со државите од ЕУ и во односите со ЕУ како структура и истовремено да ги задржиме добрите билатерални односи со САД и истите да ги продлабочиме. Она што се наметна како прашање е дали со продлабочување на соработката со евроатлантските држави ние ја пропуштаме стратешката цел – европската интеграција или не, сметам дека треба да продолжиме да делуваме активно и на двете полиња“, рече Наумовски.
Посочи дека од една страна треба да продолжиме да ги продлабочуваме билатералните односи со САД, и истите да ги надградиме не само во безбедносно-политичката соработка, туку и на економско поле, и истовремено да продолжиме да ги исполнуваме критериумите за членство што ќе донесе напредок во процесот на европски интеграции.
„Она што останува како дилема е колку процесот на проширување е на агендата на ЕУ во овој момент, особено во контекстот кога се прави огромен напор за постигнување пошироко и поцврсто европско единство. Дали ЕУ е подотвена да го врати проширувањето високо на агендата со цел да се создаде тоа толку посакувано европско единство и да се зајакне глобалната улога на Европа. Односно дали државите членки на ЕУ, се подготвени најпрво да постигнат консензус меѓу себе за тоа каква ќе биде позицијата на Европа во однос на крајот на руско-украинската војна, и дали државите кои се кандидати ќе ја зајакнат својата улога во глобален контекст или не“, оцени Наумовски.
Според него, доколку постои некаква критика дека Македонија не е целосно усогласена со позициите на ЕУ во контекст на надворешно-поитичките и безбедносните прашања, треба да бидеме свесни, посочи, дека за фазата во која се наоѓаме ние, би било преамбициозно да се бара од Македонија стопртоцентно да ги усогласи сите нејзини политики со политиките на Еу
„Најпрво за некои нејзини ставови како на пример крајот на војната меѓу Русија и Украина, не постои заедничка позиција на сите членки на ЕУ. Не постои позиција со која ние би требало да се усогласиме, од една страна, и вториот момент е што ние како држава што ги нема формално започнато преговорите, не би имале рамка во која би ги усогласувале тие политики. Усогласувањето со политиките би се одвивало по текот на самите преговори и соодветните поглавја, што значи дека ние откако ќе ги започеме преговорите, и ќе дојдеме до фазата во која ќе треба да ги усогласуваме нашите ставови со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Но најпрво треба да имаме една цврста, јасна, заедничка позиција на сите држави членки на ЕУ, нешто што во овој момент не постои. Сите оние средби што се одржуваа во изминатите неколку недели, во суштина ги истакнаа сите недоследности и дилеми што постоеја меѓу самите држави членки на ЕУ, и токму затоа се избегнуваа состаноци на сите членки затоа што таков состав би ги извадил на површина сите несогласувања“, рече Наумовски.
Тој смета дека во контекстот во кој се наоѓаме, треба да ги заштитиме нашите национални интереси, не напуштајќи ја стратешката цел – членството во ЕУ, но истовремено зајакнувајќи ги билатералните односи со САД, и тука, вели Наумовски, ќе биде потребна умешност и уметност во нашата надворешна политика да се избалансира во ситуација кога постојат различни и спротивставени ставови меѓу трансатлатските партнери за овие важни праања од европската политика и безбедост.
Наумовски оцени дека е потребен консензус и национално единство во однос на надворешно-политички прашања.
Марјан Ѓуровски, професор на Филозофскиот факултет при УКИМ рече дека во однос на геополитичките промени, потребно е отворање дијалог на власта и опозицијата и консултации со академската заедница, со цел да се разговара за македонска надворешна политика и оти е потребно да се остават партиските разлики и поделба, бидејќи, вели, ќе се носат вонредни одлуки за Европа и светот, а со тоа и за нас.
„Македонски национален интерес е стратешкото партерство со САД и од тука треба да тргнуваме и да се навраќање кога е потребно. За нашата безбедност и развој во наредните години, императив треба да биде стратешкото партнерство со САД, и да учествуваме во процесите на интеграција во ЕУ и Европа особено во областа на економијата, трговијата, безбедноста и одбраната. Ние сме дел од Европа нема што дополнително да потврдуваме и да велиме дека со прифаќање на американската резолуција за Украина во ОН сме ја промениле политика. Донесената одлука е суверено право на македонската држава. Ние територијално, културолошки припаѓање на Европа и таа определба е јасна во најголемиот дел политички субјекти. Но мораме да ги задржиме трансатланските односи пред се со нашиот стратешки партнер САД и дури да се зајакнат преку различни форми како што се прави“, рече Ѓуровски.
Тој вели дека ние не сме тие кои ќе и одредиме на Америка каква ќе биде американската политика.
„Трамп доби мандат да ја води американската надворешна политика. Во услови на криза на глобалната моќ денес моќта е кај Трамп и со него сите треба да разговараат, Европа ако сака може да избере да го раскине бракот од интерес во делот на безбедноста и одбраната, но има повеќе пакети и гаранции кои ќе создадат безбедносен вакуум и загрозување. Примирјето во Украина е императив. Поблиски сме до мир денеска, повеќе страни се заинтересирани за мир во Украина. Ставовите се различни за условите, но едно е важно имплементацијата на мирот не е можна без американски гаранции“, рече Ѓуровски.
Катерина Јакимовска од Центарот за Европски студии Вилфрид Мартенс од Брисел, истакна дека живееме во рапидно изменет свет што не е исто од пред неколку недели.
„Исклучително интензивната прес-конференција во овалната соба минтата недела, ни расчисти определени дилеми кои се отворија за време на Минхенската безбедносна конференција по говорот на потпретседателот на САД Џеј Ди Венс – САД повеќе не сакаат да бидат сојузник на ЕУ. Останува на Унијата по овој студен туш брзо да делува и да ги консолидира своите позиции. Во спротивно, ризикува да стане маргинален актер во новиот глобален поредок. Јасно е дека новите геополитички промени наметнуваат и репозиционирање на земјите во регионот, особено по континуираните разочарувања во однос на европската интеграција. Каде е Балканот во оваа сложена рамка – улогата на надворешните актери се одложената европска перспектива отвара празнини кои надворешните актери ќе побрзаат да ги пополнат. Сакам да потсетам како дел од регион кој е дел од историски ревизионизам, не можеме да бидеме сигурни чија идеја ќе се разбуди и ќе биде поддржана“, рече Јакимовска.
Деканот на Филозофски факултет при УКИМ Оливер Бакревски истакна дека новите геополитички настани и целокупната состојба укажуваат на тоа дека генерално денеска државите не може да бидат единствен гарант на својата безбедност, тоа значи дека државите се упатени на повисок степен на соработка. Според него, тоа налага да се има јасен покохерентен пристап, бидејќи новата реалнсот укажува дека државите се предодредени заедно едни со други да соработуваат и да ги надминуваат овие безбедносни предизвици.
Официјалниот претставник на Фондацијата Конрад Аденауер Даниел Браун, рече дека победникот на изборите во Германија, лидер на Демохристијаните (ЦДУ), Фридрих Мерц, по инцидентот во Овалната соба минатата недела кажал дека имаме погрешен впечаток кој е агресор, а кој е жртва во судирот меѓу Русија и Украина.
Според Браун, Германија е посготвена да преземе поголема одговорност во новите геополитички случувања, и сака да ги праша другите партнери од ЕУ и НАТО да го сторат истото.
„Патоказот на иднината е тој. Можеби од овој шок и беше тоа шок, Германија првпат во историјата вели дека ќе направи се што може да се земе од буџетот за да се инвестира, бидејќи според нашиот Устав имаме ограничувања во јавните трошоци и значи имаме поинакви проблеми од другите земји на ЕУ. Европа и Германија се силна економска сила, а со новите царини со кои се соочуваме од САД, тоа ќе биде еден повик за обединување, за заеднички ставови, за соочување со сите овие предизвици. Можеби оваа нова ситуација ќе ни даде сила, моќ да ги надминеме билатералните прашања“, рече Браун.
Во однос на регионот, Браун рече дека смета дека овој регион од Европа се уште зависи од НАТО, зависи и од САД.