Ова е во согласност со трендот поставен до 2023 година како најтопла година од почетокот на мерењата. Така, просечната глобална температура во изминатите дванаесет месеци беше 1,52 Целзиусови степени над прединдустрискиот просек.
Повеќе од 190 земји се обврзаа во Парискиот договор од 2015 година да го ограничат глобалното затоплување на „значително под“ пораст од 2 Целзиусови степени во споредба со прединдустриските нивоа до крајот на векот. Земјите исто така се согласија да „продолжат со напорите“ да го задржат затоплувањето во побезбедна граница од 1,5 Целзиусови степени, по што климатските промени ќе станат уште потешки за контролирање.
Саманта Бурџис, заменик директор на Службата за климатски промени на ЕУ Коперник (ЦЦЦС) рече дека „2024 г. започнува со уште еден месец кој соборува рекорди“.
„Не само што ова беше најтоплиот јануари досега, туку штотуку доживеавме 12-месечен период на повеќе од 1,5 °C над прединдустрискиот референтен период. Брзото намалување на емисиите на стакленички гасови е единствениот начин да се запре порастот на глобалните температури“, рече таа.
Според Коперник, минатиот месец воздухот бил за 0,7 Целзиусови степени потопол од просекот од 1991 до 2020 година за јануари и 1,66 Целзиусови степени потопол од проценетиот јануарски просек за 1850-1900 година.
Јануарскиот просек исто така бил за 0,12 Целзиусови степени повисок од температурата во претходниот најтопол јануари 2020 година. Тоа значи дека последните осум последователни месеци биле најтоплите досега.
За ваквите високи бројки најмногу придонеле натпросечните температури во источна Канада, северозападна Африка, Блискиот Исток и централна Азија, според Коперник.
Сепак, подпросечни температури биле забележани во западна Канада, централниот дел на САД и поголемиот дел од источен Сибир.
Температурите во Европа варирале во јануари 2024 година од подпросечни во нордиските земји до надпросечни на југот на континентот.
Претходно овој месец, шпанското Министерство за животна средина го прогласи јануари за најтопол во земјата од почетокот на мерењата во 1961 година, со просечна температура од 8,4 Целзиусови степени, 0,4 Целзиусови степени над претходниот рекорд поставен во 2016 година.
Нордиските земји забележаа некои од најниските температури во последните децении. Квикјок, град во Шведска, забележа температура од -43,6 Целзиусови степени на 3-ти јануари, што е најстудената јануарска температура забележана во Шведска во последните 25 години.
Минатата година беше одбележана и со феноменот на затоплување Ел Нино, кога топлината од океаните, особено од централниот источен екваторијален Пацифик, се ослободува во атмосферата.
Институтот објави дека Ел Нино почнал да слабее во екваторијалниот Пацифик, но дека температурите на морскиот воздух генерално останале на невообичаено високо ниво.
Во меѓувреме, арктичкиот морски мраз беше блиску до просекот и највисок за јануари од 2009 година, додека опсегот на морскиот мраз на Антарктикот беше шести најнизок за јануари, со 18% под просекот.