„Сообраќајот се одвива тековно по влажни коловози. Се препорачува внимателно возење, прилагодување на брзината според условите на патот. Наши екипи се постојано на терен. Имаме доволно абразивен материјал и засега поголеми проблеми нема“, потврдуваат од дебарската секција.
Од општина Дебар велат дека сите патни правци се исчистени, како и за Горно Косоврасти и Горно Рајчица, а денеска со несмален интензитет се чистат тротоарите во градот.
Во Центар Жупа чистењето на патиштата се одвивало и во текот на ноќта, посебно во Горна Жупа каде снежната покривка е од 30 до 40 сантиметри.
Од месната заедница Тресонче објавија дека вчера бил во прекин регионалниот пат кој води кон селата Тресонче, Росоки и Селце поради одрон од две поголеми карпи кај местото Бела Водица.
„Одронот на патот е отстранет и може непречено да се минува од и кон Тресонче, Росоки и Селце. Благодарност до Општина Маврово и Ростуше за брзата реакција“, стои во објавата.
Снегот секако е добредојден за земјоделските посеви, а со неговото топење и за зголемување на дотекот на вода во акумулацијата Дебарско Езеро.