вторник, 25 февруари 2025

Остатоци од ракетата на Маск паднаа на неколку места во Полска (ВИДЕО)

Делови од ракетата Спејсек Фалкон 9 на Маск неконтролирано влегоа во атмосферата на Земјата пред шест дена, предизвикувајќи спектакуларен светлосен феномен видлив низ Европа пред фрагментите да се урнат на земјата на неколку локации низ Полска.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Отпадоците потекнуваат од втората фаза на ракетата Фалкон 9, која беше лансирана на 1 февруари од вселенската база Ванденберг во Калифорнија, носејќи нов сет сателити на Старлинк. Втората фаза на ракетата, тешка околу четири тони, не успеала да го изврши планираното деорбитирање, што резултираше со нејзино неконтролирано влегување во атмосферата над Полска помеѓу 4:46 и 4:48 часот по локално време.

Сведоци од ОК, Холандија, Германија, Данска и Полска изјавија дека виделе светли огнени топки кои полека се распаѓале на небото, а многумина споделија снимки на социјалните мрежи.

На социјалната мрежа Икс беше објавена и снимка од надзорна камера, на која изгледа се гледа моментот кога паѓа дел од Фалкон 9.

Голем објект сличен „на резервоар“ (со димензии приближно 1,5 x 1 м) е откриен во складиштето на Адам Боруцки во Коморники, во близина на Познањ. Втор идентичен резервоар е пронајден во шумата кај селото Вири, на околу 30 километри.

Дополнителни фрагменти се пронајдени во градовите Шливно и Самотули, северозападно од Познањ.

Експертите ги идентификуваа објектите како композитно обвиткани садови под притисок (КОПВ) од горната фаза на Фалкон 9. Астрономот од Харвард, Џонатан Мекдауел, потврди дека пронајдениот резервоар „има правилна големина и форма за КОПВ садовите што се користат во горната фаза на Фалкон 9“.

Полските власти, вклучително и полицијата и пожарникарите, ги обезбедија локациите каде што беа пронајдени остатоците, додека Полската вселенска агенција (ПОЛСА) соработуваше со Спејсекс за да го потврди потеклото на деловите и да ги планира следните чекори.

Спејсекс потврди во официјалното соопштение дека втората фаза од ракетата од мисијата на 1 февруари повторно влезе во атмосферата над Европа и дека тие „тесно соработуваат со полската влада на операциите за обновување и чистење“.

Компанијата исто така нагласи дека „остатоците не содржат токсични материјали“, но ги советуваа граѓаните да не ги допираат пронајдените делови, туку да ги пријават на локалните власти или на официјалната линија за известување за вселенски отпад на Спејсекс.

ПОЛСА предупреди дека дополнителни ракетни остатоци може да се распрснат во радиус од 100 километри, протегајќи се низ поголемиот дел од Полска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ