Пред два дена, рече Османи, имале средба во Рим, каде премиерите ги охрабриле двајцата министри и двете министерства да продолжат до дијалогот и разговорите за изнаоѓање взаемно прифатливо решение и врз основа на тоа охрабрување тие продолжуваат понатаму.
„Не можам да ги коментирам внатрешните динамики во Република Бугарија. Тоа што за нас е важно е дека ние тука имаме став по однос на тие прашања, кои што еве сега продолжуваме да ги комуницираме, и се надевам дека тоа ќе вроди со плод“, изјави Османи.
Во однос на идејата на францускиот претседател Емануел Макрон, Османи рече дека тоа сѐ уште е иницијатива во зародиш и нема пишан документ што ги објаснува деталите, но дека од разговорите со сите претставници на земјите кои ја заговараат идејата е дека таа не претставува алтернатива.
„Тоа што го кажуваат сите чинители, вклучени во развојот на оваа идеја, е дека тоа не е алтернатива на пристапниот процес во кој што се влезени земјите од Западен Балкан во последните 20 години, туку е нова иницијатива за политичка конвергенција во континентот на ЕУ, без притоа да влијае и да биде замена на ова што ние го имаме тука“, изјави Османи.
Според него, ние треба да бидеме фокусирани на нашиот процес, во кој сме отидени предалеку и во исполнување на критериумите и во формалните чекори на патот до полноправно членство.
Претходно Османи во обраќањето порача дека ова се историски времиња кои налагаат цврсти и навремени одлуки, а императив е да се отпочне со веќе долго задоцнетиот пристапен процес на Северна Македонија и Албанија сега во јуни, за време на француското претседателство со ЕУ. „Кога, ако не сега“, рече тој.
Османи притоа истакна дека ширењето на трансатлантскиот и западниот поредок заснован на вредности и принципи е во интерес како на земјите аспирантки за членство, така и на државите членки, но и во интерес на глобалниот мир и соработка.
„Закочените интеграциски процеси за Северна Македонија претставуваат извор на системска ранливост, чии ефекти негативно се прелеваат врз целиот регион. Верувам дека сега е идеално време да се признаат конзистентните напори на Северна Македонија и Албанија и да се пресретнат со прифаќање од страна на ЕУ, како заеднички ангажман за посигурна и посилна Европа отпорна да се спротивстави на кое било трето влијание“, изјави Османи.
Тој нагласи дека и ако ништо не се случи сега, земјава ќе остане посветена на европските реформи, но ќе страда самиот политички моментум, а колебањето и барањето нови иновативни начини како да се задржи ова „статус кво“ нема да ги разубеди малигните влијанија, туку токму спротивното и ќе испрати погрешна порака кон останатите држави и граѓани од Западен Балкан.
„Ова не значи дека планираме да го напушиме европскиот пат. Ние сме уверени Европејци, со огромно убедување, со речиси 20 години од постигнувањето на спогодбата за асоцијација и стабилизација со ЕУ, одлични во спроведувањето и усогласувањето со европското законодавството и ќе продолжиме на тој пат“, изјави Османи.
Бараме, нагласи Османи, итно отворање на преговорите за членство на Северна Македонија и Албанија во ЕУ и повикуваме на преземање на сите напори за унапредување во кандидатски статус за членство во ЕУ на Босна и Херцеговина и Косово и поддржуваме напредок во преговорите за Црна Гора и Србија и посакуваме и работиме за создавање на одржлив и исполнет со содржина однос со Украина, Молдавија и Грузија.