Орбан смета дека Европа ја чекаат тешки месеци бидејќи повеќето бирократи во Брисел мислат дека можат да го избегнат претстојното „Трампово торнадо“.
„Вчера го одржавме првиот самит на ЕУ во Брисел по инаугурацијата на претседателот Трамп. Тоа беше чуден собир. Секој во Брисел може да види како доаѓа Трамповото торнадо, но повеќето сè уште мислат дека можат да избегаат од него. Не можат“, изјави Орбан на социјалната мрежа Икс.
Нагласувајќи дека Трамп во две недели воведе неколку мерки што го „превртеа светот наопаку“, Орбан рече дека со овие мерки се стави крај на „родовото лудило“ во Америка, се стави крај на финансирањето на „глобалистичките организации на Сорос, се стави крај на илегалната миграција и се стави крај на поддршката за руско-украинската војна“.
„Со други зборови, сè што бирократите во Брисел се обидуваа да ни го втераат во грло во последните години е завршено. Но, има и нешто друго. Можеме да се збогуваме и со правилата на светската трговија какви што ги знаеме. Претседателот Трамп ќе се залага за американските интереси, дури и против Европа. Пред Европската унија претстојат тешки месеци, а бирократите во Брисел ќе имаат тежок период“, рече Орбан.
Истакнувајќи ја неопходноста од договор за зачувување на економските односи со САД, Орбан рече дека добра работа можат да направат лидерите кои меѓусебно се познаваат и почитуваат.
„Знаевме дека претседателот Трамп ќе се врати, па бевме подготвени. Постојано преговараме и ќе направиме добар договор со новата администрација на САД. А што е со бирократите во Брисел? Си го наместивте креветот, сега лежете во него!“, порача Орбан.
Враќањето на Трамп на местото претседател на САД уште еднаш ја зголеми загриженоста за потенцијалните трговски војни меѓу САД и ЕУ.
Администрацијата на Трамп, наводно, размислува за воведување тарифи кои се движат од 10 до 20 отсто за целиот увоз и до 100 отсто за автомобили, наведувајќи ја потребата да се заштитат американските работни места и да се решат практиките на „нелојална трговија“ од Европа.
Иако постојат шпекулации дека ЕУ би можела да возврати со реципрочно зголемување на царините, нејзината фрагментирана политичка структура би можела да го комплицира усвојувањето на унифициран одговор.