петок, 18 октомври 2024

Општините и Град Скопје се фалат со миење улици и плоштади! Toa e големо достигнување?

Се мијат улици и плоштади во Скопје! Излегува како тоа да е голема вест. А можеби и е, ако децата немаат видено цистерни како прскаат со вода по улиците, како што некогаш поодамна децата во Скопје трчале пред бавниот камион – цистерна и се смееле кога ќе ги стигнела прскалката со студената вода.

Објавено на

часот

Сподели

Подолго време траат препукувањата меѓу скопските општини и Град Скопје околу одржувањето на хигиената. Општините обвинуваат дека нередовно се собира ѓубрето и споделуваат со медумите фотографии од преполни контејнери и ѓубре околу нив. Од градската Комунална хигиена демантираат дека не се собира ѓубрето и објавуваат фотографии на празни контејнери и канти и апелираат до општините да ги активираат инспекциите зашто несовесни граѓани создаваат депонии околу контејнерите. И така во круг, додека тропското јулско сонце го разградува ѓубрето и миризбата се шири наоколу.

И, во „морето“ комунални вести, почнаа и фалбите од општините како се мијат улуците со цистерни. И тргнаа и фалбите од градот како секоја ноќ се мие плоштад Македонија.

А зарем одржувањето на хигиената вклучително со миење на улици и плоштади не е нивна работа и зарем е накакво големо достигнување?

„Со цел одржување на максималното ниво на хигиената и чистотата на јавните  површини, особено во летниот период , ЈП Комунална хигиена Скопје спроведува секојдневно миење на плоштадот Македонија. Машинското и рачното миење на плоштадот се изведе со автоцистерни. Одржувањето на хигиената се одвива во доцните ноќни часови, односно во рамките на третата оперативна смена, кога е намалена фреквенцијата на  пешаци“, велат утрово од Комунална хигиена.

Денеска фалба и од Општина Центар од каде рекоа дека цистерната на ЈП ПОЦ покрај утринското миење сега започна и со ноќно миење на улиците.

„Градоначалникот на Општина Центар смета дека освежувањето на жешкиот асфалт и миењето на прашината е исклучително важно за граѓаните и пешаците, а миењето во ноќните часови ја отстранува насобраната нечистотија и штетните бактерии и вируси особено покрај контејнерите кои на високи температури брзо се размножуваат. Вчера вечер цистерната ги миеше улиците Козара, на Водно и во населба Пролет“, се наведува во соопштението.

А вчера пак, градоначалникот на Кисела Вода соопшти:

„Започнавме со миеење на улиците во Кисела Вода, ефикасна и потребна мерка за одржување на чистотата и хигиената, заштита на здравјето на граѓаните и подобрување на квалитетот на животот во нашите населби и населени места. Со миењето на улиците се отстрануваат насобраните нечистотии, прашина и отпадоци“.

И така е, водата мие сè, го чува здравјето, но не е многу моќна кога станува збор за  препукувањата зашто тие тежат од политика и таква миризба шират.

П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ