вторник, 5 ноември 2024

Општина Кисела Вода распиша повик за субвенции за деца од социјално ранливите семејства

Општина Кисела Вода денеска распиша јавен повик за социјално ранливите семејства кои имаат дете во продолжен престој во основните училишта или градинките на подрачје на општината и користат топол оброк за време на престојот, информираат од општината. Во јавниот повик се дефинирани критериумите за аплицирање.

Објавено на

часот

Сподели

Согласно Правилникот за субвенционирање на месечните сметки за дневниот оброк во продолжен престој во училиштата, Општина Кисела Вода ќе субвенционира средства во висина од 50 отсто, но не повеќе од 80 проценти од предвидената сума за периодот додека трае учебната година. Ослободувањето од партиципација за децата кои ги исполнуваат критериумите и посетуваат јавна детска градинка ќе биде целосно.

„Продолжуваме со мерките за создавање еднакви можности за сите деца, без разлика на нивниот социјален и финансиски статус. Од денеска отворивме јавен повик преку кој ќе ги субвенционираме месечните сметки за дневниот оброк во продолжениот престој во општинските основни училишта, како и средства за субвенции за целодневниот престој на децата од семејства во социјален ризик во јавните детски градинки“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Оваа мерка ги опфаќа децата од еднородителски семејства, самохрани родители, деца сместени во згрижувачки семејства и деца под старателство, деца од семејства корисници на гарантирана минимална помош, како и за други социјално-ранливи категории.

„Воспитно-образовните установи се места каде што нашите најмлади треба да се социјализираат, дружат и образовно да се надградуваат и не смееме да дозволиме на кое било дете да му биде ускратено правото на оброк или други основни потреби само заради финансиските неприлики дома. Оттука, покрај оваа излеговме и со сет од други мерки кои значат финансиско олеснување за родителите-бесплатни ранчиња за сите првачиња, бесплатни униформи за сите ученици во општинските основни училишта, бесплатни часови по странски јазици, информатика и спорт, а во текот на учебната година оваа листа ќе биде дополнета и со многу други мерки“, посочи Ѓорѓиевски.

Повикот е отворен од денеска и ќе трае пет работни дена.

Сите дополнителни информации, критериумите и потребната документација се достапни на веб-страницата на општина Кисела Вода.

https://opstinakiselavoda.gov.mk/wp-content/uploads/2024/09/obrok.pdf

https://opstinakiselavoda.gov.mk/wp-content/uploads/2024/09/obrokgrad.pdf

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ