Како што се вели во соопштението за јавност, констатирани се состојби, неправилности и неусогласености во работењето на општината и поради нивното значење изразено е неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година и за усогласеноста со законската регулатива, упатствата и воспоставени политики на сметките на основен буџет 630 и 637.
„Општината заклучно со 31 декември 2023 година има ненаплатени побарувања во износ од 41.694 илјади денари, за кои нема утврдено старосна структура и дали постои законска можност за нивна наплата. По основ на надоместок за одржување на јавната чистота, општината од ЈКП Брегалница заклучно со месец мај 2023 година, побарува 11.624 илјади денари, а од месец јуни 2023 година, престанува да искажува побарувања по овој основ. Не се евидентирани побарувања по основ на данок на наследство и подарок и надоместок за легализација на бесправно изградени објекти, не се преземаат дополнителни активности за присилна наплата на побарувањата и не се пресметува и наплатува камата за данокот кој не е платен во пропишаниот рок“, се вели во соопштението од Државниот завод за ревизија.
Со ревизијата утврдени се и слабости во начинот на администрирање на општината во делот на утврдување и наплата на приходите по основ на данокот на имот и данокот на промет на недвижности. Потенцирано е и дека даночните обврзници кои се стекнале со дополнителен или нов имот во минати години не се задолжени со данок на имот, а утврдувањето на пазарната вредност според зоните во изминатите 5 години нема претрпено измени и не кореспондира со постигнатите пазарни цени за поодделни видови на недвижен имот и просечните цени на извршени купопродажби во претходната година на подрачјето на Општина Делчево.
„Општината не остварува приходи по основ на комунална такса за привремен престој, користење на музика во јавните локали, користење на простор пред деловен простор и комунална такса за реклами, објави и огласи, а за склучените договори за плаќање на надоместок за уредување на градежно земјиште на рати, нема обезбедено инструменти за плаќање. Во општината недостасуваат активности за заштита и унапредување на урбаното зеленило, односно нема воспоставено Зелен катастар, нема донесено Стратегија за развој на зеленилото и Годишна оперативна програма за подигање и одржување на зеленилото и не се остваруваат приходи по основ на надомест за одржување на јавното градско зеленило“, пишува во соопштението од Државниот завод за ревизија.
Ревизорскиот извештај ги опфати и 2012 и 2013 година, период во кој спроведени се извршувања врз објекти, сопственост на општината, како Домот на културата АСНОМ, каде општината е сместена продадени се 1.407м2 деловни простории и врз недвижности училиште, пензионерски домови и зграда, со површина од 1.390 м2 и дворна површина од 1.912 м2.
Извршувањето за горенаведениот период како што стои во ревозрскиот извештај е направено од причини што општината не доставила приговор до основниот суд на налозите за извршување во предвидениот законски рок. Во спроведувањето на постапките не била земена во предвид и вредноста на побарувањето на доверителот, заради што спроведено е извршување заради наплата на парично побарување врз недвижност со несразмерно поголема вредност, спротивно на Решението донесено од Основен Суд Скопје II во кое било наведено дека паричните средства на должникот Општина Делчево над одобрениот лимит можат да бидат предмет на извршување, а не и недвижностите.
„За вредноста на земјиштето и недвижните ствари на Дом на култура – општинска зграда не е извршена проценка, за дел од имотот не се обезбедени докази за правото на сопственост, инвестиционите вложувања не се евидентирани на соодветните сметководствени позиции, а неправилности има и во спроведениот попис на средствата и обврските. Во 2023 година, општината ангажирала 38 физички лица за извршување на јавни работи, кои не се предвидени со програма и не се на јавен повик, со паушален надоместок од 9 до 30 илјади денари и не обезбедено право на осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување“, пишува во соопштението за јавност.
Без донесени годишни програми, општината во тој период финансирала активности на спортски клубови, спортски здруженија, здруженијата на граѓани и граѓански организации во износ од 1 милион 299 илјади денари, и направила расходи од 57 илјади денари без поткрепувачка документација за потрошено гориво, поправка и сервисирање на товарни и патнички моторни возила со замена на резервни делови и транспорт на пумпа (високо притисна) за вода и пожарникарски скали наменети за ТППЕ“, се вели во констатираното по направената анализа на Државниот завод со која е опфатена и јавната набавка за реконструкција на влезот, влезниот хол и на малата сала со сцена и галерија во Спомен-домот ,АСНОМ во Делчево за која не е обезбедена дополнителна банкарска гаранција за измена на договорот и утврдени се слабости во тендерската документација.
Ревизијата на Државниот завод исто така обелоденува дека Општина Делчево е во постојана блокада од 2008 година, по основ на ненавремено подмирување на обврските спрема доверителот Гранит – Скопје, поради што работењето на општината резултира со намалена ликвидност и солвентност кои имаат влијание врз целокупното нејзино работење.
„На 21 март 2024 година, вкупниот долг на општината изнесува 162.218 илјади денари од кои 129.051 илјади денари се неподмирени обврски од Гранит – Скопје. Во досегашното работење, за блокадата на сметката до денот на ревизијата градоначалниците не донеле Одлука за прогласување на финансиска нестабилност, ниту План за мерки за надминување на финансиската нестабилност со цел да се надминат предизвиците со доспеаните, а неплатени обврски. За надминување на утврдените состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од страна на надлежните институции и одговорни лица“, велат од ДЗР.