Во иницијативата, од Општина Центар бара ЗЕЛС да ја достави иницијативата до сите надлежни институции, Владата, МВР, Министерство за труд и социјална политика, центрите за социјална работа, Министерство за правда, МОН, Службата за пробација, надлежните судови, НВО за да се формира работна група од која ќе произлезат законски измени за оваа негативна општествена појава.
„Бараме итно, сите надлежни да седнат на иста маса. Мораме заедно да ги разгледаме сите можности за законски и други начини како да се справиме со вандализимот на малолетните лица кои се почесто предизвикуваат инциденти со кои се нарушува безбедноста. Во исто време може да дојде и до поголема трагедија во која овие малолетни лица и можат и самите да се повредат и да настрадаат. Превенцијата е најважна во вакви ситуации, и затоа е потребно сите овие институции да бидат присутни на терен, да се зголеми безбедноста и редовните патроли на полицијата на критичните точки во општината и во градот каде имаме сериозни инциденти”, порача градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски.
Општина Центар предлага законски измени не само во делот на зголемување на казните за оштетување урбана опрема, туку и воведување општествено одговорна работа каде што би се вклучиле и децата и родителите за да се подигне свеста за оваа појава.
„Наша цел е со воведување на оваа мерка да ги ангажираме родителите да поведат сметка за своите деца и заедно со нив да поработат на нивното однесување и воспитување, бидејки семејство и домот е најважната алка во решавање на овој проблем”, вели Герасимовски.
Вчера во населбата Капиштец повторно се случи инцидент во кој малолетници кршеа шишиња, фрлаа петарди и физички се пресметуваа.
Ова не е прв ваков настан во оваа скопска населба.
На средината на ноември, група малолетници украдоа багер, а претходно беше обиен и ограбен комуналниот пункт во истиот реон.
Летото, во месец август некој фрлил две шок бомби, по што настана пожар во парк во Капиштец, а за малку беше избегната трагедија. Како што тогаш извести МКД.мк, бомбите силно одекнале, предизвикале пожар и малку недостасувало да бидат зафатени и објекти. а овој немил настан многу ги вознемири жителите на овој дел од Скопје.
Во јуни годинава пак, сѐ уште непознати сторители уништија дел од урбаната опрема во Капиштец , Водно и Дебар Маало.