сабота, 27 јули 2024

Онлајнмедиа.мк: Селективно и коруптивно доделување буџетски пари на медиумите

И со новиот предлог-закон за измени и дополнувања на Законот за медиуми, чиј текст бил утврден на седница на Владата на Македонија, продолжува практиката на селективно, арбитрерно и коруптивно доделување буџетски пари на медиумите, се вели во реакцијата на здружението на порталите Онлајнмедиа.мк.

Објавено на

часот

Сподели

„Јавноста е известена дека измените во Законот за медиуми треба да се усвојат со цел законски да се уреди доделувањето ‘еднократна финансиска помош’ што би ја добивале печатените медиуми од страна на Владата, наводно заради надминување на проблемот со големите трошоци за печатење и дистрибуција на весниците.

Oчекуваme Владата да објасни како е можно издавачите на весници да се соочуваат со економско-финансиски проблеми за чиешто надминување им е неопходна итна државна помош, токму сега пред избори, а сите тие издавачи остваруваат профити, при што една од компаниите издавач на дневен весник во 2022 остварила профит од неверојатни 350.000 евра.

Истовремено, здружението Онлајмедиа укажува на тоа дека Владата не почувствувала потреба во Законот за медиумите, во членот 2, каде што се дефинираат медиумите, да се внесат онлајн медиумите односно интернет порталите. Ова наспроти фактот што интернет порталите повеќе од една година упорно и безуспешно лобираат да станат дел од Законот за медиуми.

Укажуваме дека за почеток на минимална законска регулација на онлајн медиумите е доволно во членот 2 од Законот за медиуми да се додадат два збора – интернет портали. Ваквата интервенција во Законот нема да ја чини државата ниту 1 денар!

Што се однесува до финансирањето и поддршката на медиумите со државни пари, категорично сме против ваквите палијативни законски решенија и одлуки со кои на одредени сегменти од медиумската индустрија и конкретно на одредени медиуми им се доделуваат народни пари на селективна основа, нетранспарентно и со очигледни коруптивни намери. Ако Владата оценува дека има потреба и има финансиски ресурси за помош на медиумите, инсистираме државната поддршка за медиумите да биде системска, неселективна, транспарентна и насочена кон медиумските работници, а не кон медиумските сопственици.

Го повикуваме техничкиот премиер Талат Џафери, да го повлече утврдениот текст на предлог-законот за изменување на Законот за медиуми и да го задолжи ресорниот министер да подготви текст во кој интернет порталите ќе станат дел од овој Закон, за што барем декларативно постои широк општествен консензус.

Ако Владата не го повлече утврдениот текст и значително не го подобри предлог-законот за измени на Законот за медиуми, очекуваме политичките партии кои партиципираат во техничката влада со амандмани да го подобрат предлог-законот, при што главна цел на измените треба да биде интернет порталите конечно да најдат свое место во овој закон.

На ресорниот министер и на претставници на политичките партии поодамна им ги доставивме и во неколку наврати им ги образложивме нашите конкретни предлози за измени на повеќе закони, меѓу кои и на Законот за медиуми. Здружението и понатаму стои на располагање за објаснување на своите предлози за законска регулација на интернет порталите“, се вели во реакцијата на Онлајмедиа.мк на вчерашниот владин предлог за субвенции на печатените медиуми.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ