Во проектот е предвидена и изградба на топловодна мрежа за топлификација како и секундарна мрежа на гас која ќе стига до домаќинствата по исклучително поволни услови. Имено, приклучоците за топловодната мрежа и за гасната мрежа ќе бидат бесплатни.
И во минатото и сега премиерот Христијан Мицкоски изјави дека проблемот со загадување на воздухот во градовите ќе се решава со изградба на гасни когенеративни централи, дека тоа е единственото трајно решение и дека сé друго би значело ставање на проблемот под тепих. Премиерот нагласи дека инвестициите во ова поле се гаранција и зацврстување на нашата енергетска независност која во 21 век е всушност и зацврстување на сувереноста на државата
Но да ги погледаме работите подетално и да видиме дали со оваа најавена инвестиција ќе имаме големи придобивки.
1) „… зацврстување на нашата енергетска независност …“
Познато е дека на Република Македонија (РМ) ѝ недостига електрична енергија во текот на грејната сезона, најчесто во периодите кога нема сонце (ноќе или при облачно време), кога ќе откаже некој блок во РЕК Битола, а купуваме по берзанска цена која е најчесто повисока. Со изградба на новите гасни когенеративни централи од странски инвеститор нема да добиеме енергетска независност бидејќи тој ќе ја продава произведената електрична енергија на отворен пазар. За да се избегне ова, државата треба да гради сопствени електроцентрали, или најмалку со 51% сопственост.
2) „… приклучоците за топловодната мрежа и за гасната мрежа ќе бидат бесплатни. “
Инвеститорот ќе има трошоци за изградба на приклучоци за топловодната и гасната мрежа и тие треба некој да ги плати. Ако корисниците не плаќаат директно за приклучоците, тогаш инвеститорот ќе ги наплати тие трошоци подоцна при пресметката на потрошената топлинска енергија, односно гас.
3) „… загадувањето на воздухот во градовите ќе се решава со изградба на гасни когенеративни централи, тоа е единственото трајно решение и сé друго би значело ставање на проблемот под тепих.“
Ова тврдење е едно од решенијата. Во стручната јавност е потврдено дека топлинските пумпи овозможуваат ефикасни и чисти решенија за греење, а со тоа и избегнување на аерозагадување на градовите. Ги има со мали, средни и големи капацитети и во разни варијанти (од воздух, вода и земја). Нивната примена е можна веднаш, а државата треба да ја промовира нивната употреба.
Кај најавената странска инвестиција на „Казанчи холдинг“ како позитивна придобивка е изградба на нови системи за топлификација на градовите со што сигурно би се намалило аерозгадувањето. А има и некои други позитивни аспекти ако се гледа како и на другите странски инвестиции, а тоа се: нови вработувања, плаќање даноци на државата, соработка со домашни фирми…
Мој совет, а ова го потврдуваат и многу други експерти, е државата да гради гасни когенеративни централи во нејзина сопственот или најмалку 51%. Само така ќе се постигне енергетска независност на земјата, а ќе има и некои други придобивки.
Во овој контекст ќе се осврнам на гасната когенеративна централа „ТЕ-ТО“ која е изградена и работи во Скопје уште од 2012 година. Случајот е ист или многу сличен со новата најавена инвестиција. И „ТЕ-ТО“ е странска инвестиција при што електричната енергија (моќност 220 MW) ја продава на слободен пазар, а топлинската енергија (моќност 160 MW) ја продава на градската топлификација бидејќи постои взаемен интерес. Во суштина нема некоја голема разлика со новата странска инвестиција?!
Во врска со изградба на секундарни гасоводни мрежи до домаќинствата, моја препорака е тие да не се инсталираат. Природниот гас не е еколошко гориво бидејќи припаѓа во групата на фосилни горива кои се главни причинители на климатските промени. Многу држави воведоа забрана на примена на природниот гас за греење во новите згради. На природниот гас треба да се гледа како на транзиционо гориво што треба да се исфрли од употреба најдоцна до 2050 година. Со оглед на фактот што моментално се гради магистрална гасоводна мрежа меѓу градовите во Македонија, моја препорака е веднаш на таа мрежа да се приклучат објекти што користат мазут и нафта, и тоа комерцијални и индустриски објекти, како и разни јавни установи.
Д-р Ристо Цицонков, редовен професор
Машински факултет – Скопје