петок, 29 ноември 2024
Се ближи крајот на случајот Софтвери

ОЈО ГОКК бара затвор за Рашковски, да ги врати парите и забрана да биде универзитетски професор

Објавено на

часот

Сподели

„Сите четири предметни постапки за јавни набавки за кои одлуките ги носел првообвинетиот се незаконски спроведени и доколку не се водеше оваа постапка софтверот, системот, кабините и камерите ќе останеа засекогаш заборавени, а парите на граѓаните сепак потрошени“, истакнал јавниот обвинител.

Доказите изведени во текот на постапката, велат од ОЈО ГОКК го потврдуваат обвинението со кој првообвинетиот, поранешен генерален секретар на Владата, Драги Рашковски се товари дека нерационално, неекономично и непродуктивно потрошил 17.474.137,00 денари, пари на граѓаните со цел да заработи пари од својот патент и системот од неговата докторска дисертација.

Иако секоја од постапките за јавни набавки се различни помеѓу себе, тврадт од ОЈО ГОКК, во три од нив склучени со различни оператори, само една фирма била погодна за сѐ и ги имала или пак можела да ги набави токму оние стоки за кои биле склучени предметните договори за јавни набавки – фирмата чиј сопственик е четвртообвинетиот – човек што уживал најголема доверба кај првообвинетиот и каде завршувале голем дел од парите од предметните јавни набавки.

Во однос на втората фирма, велат од обвинителството, јавниот обвинител истакна дека се работи за субјект основан непосредно по стапувањето на функција на првообвинетиот, кое освен со владата склучувало договори за јавни набавки и со други државни институции. Од меѓусебната комуникација на обвинетите, обвинителството докажа дека зад овој субјект стои првообвинетиот, додека четвртообвинетиот е само формален сопственик. 

„Покрај незаконитите постапки за јавни набавки, во текот на главната расправа, обвинителството докажа дека дел од обвинетите ангажирани со фиктивни авторски договори, за работи што воопшто не ги извршувале, примале парични средства на име хонорар од кои, во зависност од договорот со првоосомничениот, дел му ги давале нему. Со потпис на првоосомничениот, на име хонорар, биле исплатени вкупно 1.320.000,00 денари, пари на граѓаните, од кои пари со помош на петтообвинетата, завршиле во џебот на првообвинетиот“, истакнал предметниот јавен обвинител во завршните зборови.

Јавното обвинителство побарало од судот, при определување на видот и одмерување на висината на казната, да ги има предвид сите олеснувачки и отежнувачки околности што стојат на страна на секој од обвинетите.

„Кај првообвинетиот судот како отежнувачки околности да ја земе предвид упорноста во извршувањето на кривичното дело, неговото однесување во текот на постапката и непочитување како на обвинителството, така и на судот, како и тоа што во текот на целата постапка не изрази каење за стореното дело, туку напротив вината ја бара во јавното обвинителство и судот, дури за да го прикрие претходно стореното, во текот на постапката стори и ново кривично дело. Во однос на останатите обвинети, јавниот обвинител предложи судот да цени дека сите обвинети биле свесни за противправноста на дејствијата што ги преземале, но сепак се согласиле и опстојувале во нивното извршување. Воедно, како олеснувачки околности обвинителството истакна дека судот треба да има предвид дека сите обвинети досега не биле осудувани. Потенцирајќи дека обвинетите се млади личности, дел од нив со оформени потесни семејства и малолетни деца, кои околности ги имале и при извршување на кривичните дела што им се ставаат на товар, но во ниту еден момент не ги поколебало да ги сторат истите, јавниот обвинител укажа дека овие околности судот треба да ги цени како отежнувачки, а не како олеснувачки“, соопштија од ОЈО ГОКК.

Имајќи го предвид сето искажано во завршните зборови, обвинителството му предложило на судот обвинетите да ги осуди на казни соодветни на сторените кривични дела, со што ќе влијае како на специјалниот, така и на генералниот план на превенција.

Во исто време, јавниот обвинител предложил на двајцата универзитетски професори да им биде изречена и казна – забрана за вршење на професија, дејност или должност со образложение дека професорската професија е една од оние професии во кои граѓаните и општеството треба да имаат сигурност и доверба, а во случајов двајцата обвинети искористувајќи го своето знаење и вештини, стекнати преку својата позиција, ги користеле за извршување на кривични дела.

„Согласно доставеното имотно правно барање од Државното правобранителство, обвинителството предложи обвинетите да ја надоместат штетата во вкупен износ од 18.794.137,00 денари во корист на Буџетот на државата. Исто така, јавниот обвинител побара од судот да конфискува имотна корист во вкупен износ од 684.603,00 денари од сметката на првообвинетиот како имотна корист што одговара на вредноста на прибавената корист од кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување“ информираа од ОЈО ГОКК.

Завршните зборови на дел од одбраната се закажани за 25 мај 2023.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ