„Согласно договореното, до Министерството за економија и труд се пристигнати неколку предлози од страна на трговците, некои од нив се однесуваат на ограничување на маржата, додека други на намалување на цените на основните прехранбени производи. Владата на утрешната седница ќе отвори дискусија, ќе разгледа и дополнителни можности и ќе се заземе став за тоа кои и какви мерки ќе се преземат“, информираат од владината прес-служба.
Стопанската комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалаци и тутун, денеска до Владата, Министерството за економија и труд и Државниот пазарен инспекторат ги доставила предлозите за обезбедување ефективни мерки за намалување на цените на групи производи.
Исто така, предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски утре ќе биде разгледан на седница на Влада, по што ќе се достави до Советот на јавни обвинители.
„На утрешната владина седница ќе се разгледа мислењето доставено од Министерството за правда, по што согласно законските обврски, тоа ќе се достави до Советот на јавни обвинители. Како Влада ќе продолжиме да преземаме активности кои се во насока на подобрување на функционирањето на правосудниот систем. Довербата на граѓаните е сериозно нарушена и затоа сме силно посветени конечно да владее правото и да имаме правна држава“, информираат од прес-службата на Владата.
Министерството за правда, постапувајќи по заклучокот од 50-та седница на Владата на РСМ одржана на 11 февруари годинава презеде активности и подготви мислење за предлог разрешување на државниот јавен обвинител кое го достави до Владата за натамошно процесуирање согласно Законот за Јавното обвинителство и Уставот на Македонија.
Владата на 11 февруари 2025 година донесе одлука да поведе постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Мандатот на републичкиот обвинител трае шест години, а Коцевски беше избран на оваа позиција пред една година. Владата сака предвреме да биде прекинат мандатот на Коцевски, а причината за тоа е, како што велат оттаму, разочараноста од постапувањето надвор од законските надлежности, посочувајќи дека Коцевски незаконски именувал, вршител на должност на Вишото јавно обвинителство на местото на суспендираниот Мустафа Хајрлухаи.
Републичкиот обвинител Коцевски го демантира тврдењето дека незаконски постапил посочувајќи дека го следел законот и роковите во него.