среда, 12 февруари 2025

Ограничување од 10 отсто на маржите за стотина групи производи во маркетите

Во врска со актуелната состојба со покачените цени на производите во маркетите, а врз основа на доставениот извештај од Државниот пазарен инспекторат, Владата донесе повеќе заклучоци за мерки кои би придонеле за нивно регулирање, во интерес на стандардот на граѓаните.

Објавено на

часот

Сподели

„Владата го задолжи Министерството за економија да ја донесе следната предлог мерка, Одлука за 10 проценти ограничување на маржата во трговија на мало и 10 проценти во трговија на големо на основните прехранбени производи на истите 73 групи на производи кои беа во претходните кошници. Но, истата да се дополни со средства за хигиена, како што се детергентите и плус да се дополни со бебешка храна, и други непрехранбени производи кај кои е забележана многу висока маржа, а истите се дел од основните потреби на граѓаните. Очекуваме да бидат вклучени над 100 групи на производи. Оваа мерка е предвидено да трае од денот на донесување, што се очекува да биде за многу брзо од денес и да трае заклучно до 30.04.2025 година“, кажа на денешната прес-конференција, портпаролката на Владата, Марија Митева.

Освен ограничувањето на маржите, Владата им препорачува на сите маркети да започнат процедура за транспарентно објавување на цените на сите производи и нивно редовно ажурирање на дневна основа. Целта на оваа препорака е да се придонесе за поголема транспарентност, со што граѓаните сами ќе можат да одлучат во кои од маркетите ќе пазарат, односно да ја видат разликата во цените.

„Цениме и дека ваквиот пристап, кој има карактер на препорака, а не на ограничување, ќе придонесе кон некое усогласување на самите цени на производите“, рече Митева.

Дополнително Владата го задолжи и Министерството за економија и труд да организира итен работен состанок со сите надлежни институции, како што се Државниот пазарен инспекторат, министерствата за финансии и земјоделие, КЗК и други, каде што ќе може да се разгледуваат и други предлози и мерки, коишто ќе имаат долгорочно решавање на оваа состојба.

„Исто така, се донесе и Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година, во која се предвидува лицата коишто ги исполнуваат условите коишто се предвидени во оваа програма, да се стекнат со финансиска поддршка и тоа намалување на месечна сметка за потрошена електрична енергија од илјада денари во времетраење од 12 месеци“, нагласи портпаролката Митева.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ