Заклучокот на истрагата е дека Шведска нема надлежност и дека затоа истрагата треба да се затвори“, се наведува во соопштението на шведското обвинителство, пренесува Ројтерс.
Дека шведското јавно обвинителство веројатно ќе ја затвори истрагата на саботажата на гасоводот Северен тек во Балтичко Море во вторникот објавија неколку германски медиуми.
Според АРД, Зидојче цајтунг и Цајт, истрагата во Германија продолжува. Генералниот државен обвинител тоа им го кажал на Сојузната криминалистичка полиција и Сојузната полиција.
Германските обвинители би можеле да профитираат од затворањето на шведската истрага, бидејќи Швеѓаните би можеле да им ги проследат своите докази на германските колеги на проценка. Шведска би се оградила од своето барање кривично да го гони случајот и би ја поддржала германската постапка, пишува Дојче веле.
Државите од Балтичко Море истражуваа одвоено и не ги споделуваа резултатите од своите истраги. Затоа пристапот до шведските докази е важен чекор за германските истражители.
Во Шведска се водеше истрага поради сомнеж дека е извршена тешка саботажа, додека во Германија, од друга страна, Сојузното обвинителство води постапка поради сомнеж за „намерно предизвикување експлозија со експлозивен материјал“ и „противуставна саботажа“. И во Данска продолжува истрагата за саботажата на гасоводот меѓу Германија и Русија.
Нападите на Северен тек се случија во септември 2022 година.