По одличното издание против Унгарија и тешкиот меч со Холандија кој заврши со пораз за нашата репрезентација, Македонија денеска има поинаков предизвик. За разлика од претходните два дуели, момците на Кирил Лазаров против Гвинеја влегуваат како апсолутни фаворити.
За нас ова е клучен дуел за пласман во главната фаза од натпреварувањето, па калкулации нема, мора да победиме за да ја оствариме првичната цел со која дојдовме на турнирот.
Мечот со Холандија беше исцрпувачки и во физичка и во психолошка смисла, македонските ракометари вчера немаа напорни активности, го искористија денот пред се за одмор и полнење на батериите пред денешниот дуел.
„Натпреварот со Гвинеја ни е од круцијално значење. Мораме да се мобилизираме и да го добиеме натпреварот. Нема да калкулираме воопшто, победата ни е потребна за пласман во втор круг. Можеби сме фаворити на хартија, но со оглед дека имавме две тешки и исцрпувачки дуели, очекувам тежок натпревар”, вели Лазаров.
Се освен победа на Македонија би било сензација на овој меч, ако дојдеме до очекуваниот триумф ќе го продолжиме настапот на Светското првенство со уште три натпревари од следната фаза која исто така ќе ја играме во Вараждин. Ќе вкрстиме со групата Ц, односно со селекциите на Франција, Австрија и Катар.