сабота, 1 февруари 2025

Одговорност за смртта на Фросина Кулакова

Граѓаните бараат соодветно санкционирање и одговорност за прегазената 22-годишна Фросина Кулакова во Скопје. Револтот вчера беше изразен преку протест на местото на кое почина Фросина, пред Собранието, пред Кривичен суд, како и во родниот град на девојката, Неготино. За несреќниот настан се огласија и политичарите, порачувајќи дека гневот на јавноста е разбирлив и оти секој во системот мора да ја понесе својата одговорност. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ најави дека следната недела ќе се одржи јавна дискусија за законски измени со кои ќе се заостри казнената политика во сообраќајот.

Објавено на

часот

Сподели

На осомничениот за смртта на Фросина, 20-годишниот Васил Јованов вчера му е одреден притвор од 30 дена, а според Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, тој на 29 јануари, поминувајќи на црвено светло, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, ја прегазил Кулакова која на обележан пешачки премин ја преминувала коловозната лента на бул. „Партизански Одреди“.

Осомничениот има претходни кривични дела. Против него претходно имало пријави за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори и за сообраќајна незгода во која едно лице се здобило со полесни повреди. Осомничениот бил во притвор, а потоа Основниот кривичен суд Скопје одлучил да му изрече воспитна мерка упатување во воспитно поправен дом, укинувајќи ја притворската мерка.

Од Судот вчера соопштија дека што се однесува до претходните судски постапки кои биле водени против осомничениот, Јованов на 31 јули 2024 година бил првостепено осуден, со пресуда К.бр. 1439/24 по кој постапувала судијата Даниела Алексовска Стојановска и тоа за две кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанци и прекурсори“ од чл. 215 ст.1 и чл. 215 ст.1 вв со чл. 22 од КЗ со која пресуда заради неговата возраст, со неполни 20 години, а согласно одредбите од Законот за правата на децата, судот му изрекол воспитна мерка.

Станува збор за Заводска мерка – Упатување во воспитно поправен дом, каде согласно чл. 48 ст.3 и ст.4 обвинетиот во домот останува најмалку 6 месеци, а најмногу 5 години односно до наполнети 23 години, во која пресуда му се засметува и времето поминато во притвор, по истиот предмет од 02.04.2024 година до 12.08.2027 година. Согласно Законските одредби од ЗКП по досудена Заводска мерка, мерката притвор не може да опстојува, заради што јавниот обвинител вложил жалба само заа кривичната санкција. Предметот на 07.11.2024 година е доставен на надлежно постапување на Апелацискиот суд Скопје, од каде сеуште не е вратен на евентуално извршување“, појаснуваат од Обвинителството.

Согласно евиденцијата на Судот, Јованов не бил осудуван за друго кривично дело и не се водела друга постапка за други кривични дела.

„Исто така до овој момент до судот не е процесуирана друга кривична пријава, ниту пак прекршочна пријава од областа на Сообраќајот, а лицето е евидентирано, единствено како малолетник во 2021 година кога му е изречена судска опомена заради нарушување јавен ред и мир. Како Суд, изразуваме жалење за загубата на млад човечки живот. Но, имајќи го предвид сето погоре наведено, нејасна е конекцијата кој се создава во јавноста за кривичен предмет кој во прв степен е завршен со Заводска мерка на одредено лице за едно кривично дело, со друго кривично дело кое е сторено 7 месеци потоа. Дали некој во правосудниот систем можел да претпостави дека обвинетиот после 7 месеци од донесената пресуда, со која истиот треба да се институцијализира, може да стори друго кривично дело, па заради тоа требало да биде задржан во притвор. Законите во нашата земја, како и Меѓународните конвенции за човекови права тоа не го дозволуваат“, нагласуваат од Судот.

Оттаму прашуваат дали за системскиот проблем со црните сообраќајни точки, каде, како што велат, не ретко се случуваат сообраќајни несреќи, вината е на судството, ако се има предвид кој било граѓанин кој претходно не бил во судир со законите, може да предизвика сообраќајна несреќа со жртва заради недозволена брзина, управување под дејство на алкохол и не поседување возачка дозвола и додаваат дека дека станува збор за општествен проблем.

Како што информира пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски, сакаат да интервенираат со законски измени со цел, како што рече, да се одземе можноста за различно толкување и да не се случува повеќе прогледување низ прсти за тие кои имаат кој да ги извади или врски во правосудството.

„Имавме разговори внатре во пратеничката група заедно со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски бидејќи неговиот став е дека треба да се проверат оние членови во законите кои ги детерминираат казните за овие дела бидејќи вака како што се поставени некој судија може да ги толкува на еден или друг начин. Веќе во понеделник ќе почнеме со постапка за организирање на јавна дискусија за да можеме ова прашање да го отвориме пред Собранието. Таа експресно брзо ќе се случи, веќе наредната недела. И да видиме како овие членови би се промениле со цел ваквите деликвенти да бидат соодветно казнети, за овие дела повеќе да не ни се случат. Најверојатно во петок ќе се одржи јавната дискусија“, рече Стојаноски синоќа во гостување на ТВ Сител.

Претходно министерот Тошковски преку социјалните мрежи посочи дека гневот на јавноста е разбирлив, недовербата во институциите е оправдана, но, нагласи, ова не смее да заврши само со пишување на гневни статуси по социјалните мрежи и протести што ќе траат неколку дена. Промените, порача Тошковски, мора да бидат реални. Секој во системот мора да ја понесе својата одговорност.

„Јавноста со право прашува, како е можно лице кое е криминално досие, без возачка дозвола, со голем број на претходни прекршувања на сообраќајните правила, повторно да биде зад воланот? Ова, не се само дилеми за дискусија, туку реален и сериозен проблем што бара конкретни и неодложни решенија. МВР во овој случај максимално брзо и ефикасно го процесираше сторителот, тој е приведен, направени се анализи на крв и урина, обезбедени се сите релевантни докази. Но тоа не ја враќа Фросина и не го менува фактот дека системот дозволил ваков рецидивизам. Ова е точката каде што мора да се преиспита дали постојните законски решенија се доволни? Дали воспитните мерки за сторители на сериозни дела носат резултати или само создаваат нови жртви? Дали висината на кривичните санкции за најтешките кривични дела во областа на сообраќајот е соодветна или е премногу блага за да има реален превентивен ефект“, наведе министерот за внатрешни работи изразувајќи сочувство за смртта на младата девојка.

И премиерот Христијан Мицкоски истакна дека револтот на граѓаните е оправдан и оти ги поддржува протестите, најавувајќи дека ќе се спроведе ригорозна казнена политика на санкционирање на ваков тип дивеење. Премиерот изрази надеж дека судско-обвинителскиот систем со доверба помала од 2 проценти кај граѓаните, конечно ќе се ослободи од партиските и други влијанија, и ќе суди, обвинува според закон.

„Апсолутно е оправдан револтот на граѓаните и тука нема никаква дилема и еден од начините да се надмине сето ова е токму оној систем што треба да детектира ваков тип на дивеење по булеварите и улиците не само во главниот град, туку и насекаде во државата. МВР тоа како постапка го спроведува, и наскоро ќе имаме еден таков систем којшто ваков тип на дивеење ќе санкционира. И тоа мора да се случи. Колку и да треба политички куршуми да добиеме ние, тоа мораме да го инсталираме имплементираме и да преземеме казнена политика која што ќе биде ригорозна, затоа што и еден живот да спасиме сме ја постигнале целта“, рече Мицкоски.

Од опозициската СДСМ преку соопштение изразија длабоко жалење и сочуство кон семејството на трагично загинатата Фросина.

„Овој шокантен настан уште еднаш ја покажува сериозноста на проблемот со безбедноста на улиците и потребата за итно и решително дејствување од страна на институциите“, стои во соопштението. Од СДСМ побараа максимална казна за сторителот во брза и транспарентна постапка.

Вчера протестот во Скопје почна со триминутен молк за трите девојки кои досега биле прегазени на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. Покрај Фросина Кулакова, на 20 јануари 2022 година на пешачкиот премин кај крстосницата кај ТЦ „Скопје Сити Мол“ беше прегазена студентката Викторија Николова, а на 3 април 2015 година студентката Фросина Цековска на пешачки премин кај Универизална сала. Учесниците на протестот носеа транспарент на кој беа испишани имињата на трите девојки жртви на несовесни возачи.

За прегазената млада девојка Фросина Кулакова е најавен протест и в недела во Кавадарци.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ