среда, 26 февруари 2025

Одбележани 21 година од загинувањето на претседателот Борис Трајковски

Пред споменикот „Македонија“, подигнат во чест на трагично загинатиот македонски претседател, Борис Трајковски, денеска во неговата родна Струмица беа одбележани 21 година од неговата смрт. Во Скопје пак, делегација од Општина Кисела Вода предводена од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, денес положи свежо цвеќе на вечното почивалиште на трагично загинатиот поранешен претседател на Република Македонија, Борис Трајковски. Претседателот на ДУИ, Али Ахмети пак на неговиот фејсбук профил напиша дека Трајковски беше политичар посветен на мирот и стабилноста во Македонија и во регионот.

Објавено на

часот

Сподели

Членови на семејството Трајковски, пријатели, претставници на локалната самоуправа, политички партии, институции и здруженија на граѓани со положување цвеќе и поклонување пред неговиот споменик ја искажаа својата почит.

За ликот и делото на претседателот Трајковски, зборуваше градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.

„Како вчера да беше трагичниот 26 февруари, а еве поминаа 21 година од тој ден. Но, спомените за него и по толку време не бледеат. Тие се живи и ќе живеат во нас се додека постоиме. Таквите спомени ќе речат дека претседателот Трајковски го красеа мноштво човечки вредности и доблести. Нема човек во оваа наша македонска земја кој не знае дека нашиот Борис беше извонреден лик-вреден за голема почит, беше голем човек полн со разбирање и неизмерна љубов кон својот град, кон својата татковина и кон сите луѓе, без разлика дали се од село или од град, без разлика дали се од оваа или онаа етничка заедница, без разлика дали се обични граѓани-работници и земјоделци или се академци, политичари и бизнисмени и без разлика на нивната политичка или верска припадност. Беше полн со енергија и полн со верба во Македонија“, рече Костадинов.

Во рамките на одбележувањето на годишнината од смртта на претседателот Трајковски, рецитатори од Домот за деца и млади „Благој Мучето“ од Струмица рецитираа пригодна поезија.

Во Скопје пак, делегација од Општина Кисела Вода предводена од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, денес положи свежо цвеќе на вечното почивалиште на трагично загинатиот поранешен претседател на Република Македонија, Борис Трајковски.

„Вечна слава, претседателе! Борис Трајковски беше татко на нацијата кој силно веруваше во Македонија. На денешен ден пред 21 година, македонскиот народ го разбуди страшната вест дека ‘кингерот’ со кој патувал претседателот Борис Трајковски, исчезнал. Во тоа патување кон Мостар, претседателот го загуби животот заедно со осумчлена делегација. Трајковски беше исклучителен човек, од народот. Човек без предрасуди и вистински чувар на државните интереси. Денес, оддаваме почит кон неговото дело и неговата личност. Слава му!“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети пак на неговиот фејсбук профил напиша дека Трајковски беше политичар посветен на мирот и стабилноста во Македонија и во регионот.

„Денеска се сеќаваме на претседателот Борис Трајковски, 21 година од неговата трагична смрт што се случи на 26 февруари 2004 година, во која животот го загубија и членови на неговата делегација. Борис Трајковски беше политичар кој, и покрај многуте околности и вонредните предизвици, беше посветен на мирот и стабилноста во Република Северна Македонија и во регионот. Неговата посветеност на соживотот и напорите за одржување на демократските процеси се актуелни и денес“, напиша Ахмети на фејсбук.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ