Многу историчари го сметаат овој напад за почеток на Граѓанската војна во Грција. Иако постојат различни проценки за тоа колку етапи имаше и кога точно започна оваа војна, настаните што се случија непосредно пред и по парламентарните избори јасно го навестуваа развојот на конфликтот. Додека насилството против КПГ и нејзините приврзаници добиваа на интензитет, раководството на партијата, предводено од Никос Захаријадис, на 20 март 1946 година ја напушти Атина и замина на средби со лидерите на европските комунистички партии. На 9 април, Захаријадис се врати во Грција, имајќи морална и материјална поддршка од Сталин, Тито и Димитров за започнување герилски акции против државните и парадржавните органи, а со цел да се постигне политички компромис за распределба на идната власт.
Во таа насока беше и неговиот говор во Солун на денот на неговото пристигнување, во кој нагласи дека нападот на Литохоро беше само предупредување за владата и сугерираше дека народот ќе биде принуден да посегне по оружје во самоодбрана. Наместо да дојде до деескалација на настаните, мерките и активностите преземени од двата спротивставени табора ја туркаа државата кон неизбежен вооружен конфликт. Паралелно со напорите за обновување на својата вооружена сила, КПГ во прв момент најлесно можеше да се потпре на македонското национално движење, предводено од НОФ. Со поддршка од КПЈ, оваа организација до крајот на есента 1946 година беше ставена под контрола на КПГ, обидувајќи се целосно да ја насочува кон своите цели и активности.
Политиката на КПГ кон „македонското прашање“ во Грција и македонското национално движење предводено од НОФ по почетокот на Граѓанската војна се карактеризираше со три клучни аспекти.
Првиот аспект се однесува на организациските промени во раководството на НОФ во периодот од 1947 до 1949 година, кои резултираа со отстранување на тврдокорните македонски кадри и ставање на движењето под целосна контрола на КПГ.
Вториот аспект, директно поврзан со првиот, се однесува на стратешките одлуки на раководството на Захаријадис за решавање на „македонското прашање“ по евентуалната победа на ДАГ.
Третиот аспект го опфаќа начинот на кој беше искористен материјалниот и човечкиот потенцијал на македонското малцинство за време на војната, особено во клучните битки на ДАГ во областите зафатени со вооружени судири, како што беа Преспа, Грамос, Вичо, Пајак и Кајмакчалан.
Реорганизацијата на НОФ, спроведена во согласност со стратегијата на КПГ, како процес се одвиваше постепено, со цел да се обезбеди целосна контрола врз раководството на македонското движење и да се елиминира „ризикот“ од повторување на кризата меѓу овие две структури од времето на Втората светска војна. Оваа политика на КПГ се совпадна со внатрешните фракционерски несогласувања и расправии во раководството на НОФ, кои се однесуваа на крајната стратешка цел на движењето – дали да се стреми кон рамноправност и признавање на националните права во Грција или кон барањето за самоопределување.
Без оглед на конфронтацијата меѓу НОФ и КПГ, во почетниот период од Граѓанската војна, Македонците од Егејскиот дел на Македонија масовно учествуваа во борбата, сочинувајќи значаен дел од вооружените сили на ДАГ. Во 1947 година, организациите на НОФ, АФЖ и НОМС броеја над 16.000 членови, додека во редовите на ДАГ, до октомври истата година, имаше над 9.000 Македонци, што претставува три четвртини од вооружените сили под контрола на КПГ во Централна и Западна грчка Македонија. Значајно е и тоа што две третини од македонските борци беа распоредени надвор од областите со мнозинско македонско население, борејќи се во Епир, Тесалија и континентална Грција. Овој факт ја открива стратегијата и непринципиелниот однос на КПГ кон македонското малцинство, насочувајќи го неговото учество во борбата далеку од неговите етнички простори.
Првата сериозна конфронтација меѓу НОФ и КПГ се случи на Првата конференција на НОФ, позната како „Сенофитски актив“, одржана на 20 мај 1947 година на планината Кајмакчалан. И покрај масовното учество на Македонците во Граѓанската војна, раководството на КПГ намерно го прекина процесот на создавање единство врз основа на претходно договорените услови. Со целосно игнорирање на заедничките принципи со НОФ, КПГ ја презеде контролата врз формите и методите на соработка меѓу НОФ и АФЖ, од една страна, и КПГ и ДАГ, од друга. Значајно е тоа што на конференцијата, намерно или не, не присуствуваше дотогашниот секретар на НОФ, Паскал Митревски. На реакциите на дел од присутните делегати, кои прашуваа за неговата судбина, претставникот на ПК на КПГ за Македонија и Тракија, Георгиос Еритријадис-Петрис, кој ја следеше работата на Активот, нервозно и грубо одговори: „Паскал Митревски веќе не може да раководи од Скопје… Неговата метла престана да мете… Од сега НОФ му припаѓа на КПГ…“.
На истата конференција беше избрано ново раководство на НОФ, во кое Михајло Керамитчиев беше именуван за секретар, а членови станаа Вангел Ајановски – Оче, Павле Раковски, Вера Николова Фотева, Ламбро Чолаков и Вангел Ничев. Под притисок на КПГ, новото раководство на НОФ прифати во македонските села да се формираат основни организации на грчката земјоделска партија АКЕ. Овој потег беше мотивиран од потребата на КПГ да обезбеди политички позиции во македонските региони. Во тој контекст, беше прифатен и предлогот на Петрис да им се укине мандатот на раководителите на НОФ кои служеа во редовите на ДАГ, со што се прекинаа директните врски меѓу македонските борци и НОФ. По Активот, македонската организација АФЖ стана независна, а подоцна го формира и својот Главен одбор, предводен од Евдокија Фотева-Вера како секретар. Според историчарот Ташко Мамуровски, тогашното раководство на НОФ, прифаќајќи ги ставовите на КПГ, ја трансформира организацијата од масовно и обединето движење во дезорганизирана структура, одвоена од борбеното јадро на македонскиот народ. „Раководството на КПГ ѝ ја ограничи активноста во најтесни рамки, сведувајќи ја на извршител на задачите што ѝ беа доделени од партијата – да ѝ доставува на КПГ живо македонско месо, кое требаше да гине на бојното поле“. Оваа нова положба на НОФ уште повеќе ги заостри односите со КПГ и ДАГ, продлабочувајќи го раздорот во македонското национално движење.
Во меѓувреме, на 10 август 1947 година Главниот штаб на ДАГ ја прогласи Грција за „Независна република“, формирајќи демократска влада. Во Привремената демократска влада немаше ниту еден Македонец. Во прокламацијата по повод формирањето на владата, беше нагласено следново: „Признавање на полна рамноправност на националните малцинства и право на нивен слободен национален развиток“.
Кризата што ја зафати организацијата НОФ по Сенофитскиот актив, поради неговите штетни ставови и одлуки, имаше силно негативно влијание врз борбениот морал на македонските борци во ДАГ. Дополнително, таа го намали масовното учество на македонското население во борбата против грчките власти. Иако КПГ брзо го отстрани и изолира Паскал Митревски од НОФ, кризата во меѓусебните односи го натера раководството на КПГ да го врати назад во организацијата. Во такви околности, на 13 јануари 1948 година, во селото В’мбел, Костурско, се одржа Првиот конгрес на НОФ, со учество на 500 делегати од 208 локални организации. При формирањето на Централниот совет на НОФ, за секретар беше избран Паскал Митревски, а за претседател – Михајло Керамитчиев. Покрај тоа, беа формирани и Секретаријатот на НОФ како највисок орган, како и Извршното биро. Овој Конгрес имаше историско значење, бидејќи донесе два клучни документа: Програмата и Статутот на организацијата. Програмата на НОФ целосно се усогласи со барањата на КПГ, поставувајќи ги основните демократски права на Македонците како посебна националност во Грција.
Привидното помирување и симбиозата меѓу НОФ и КПГ, која набргу повторно ќе биде нарушена, може да се забележи и во активностите на НОФ поврзани со одлуката на ЦК на КПГ од септември 1947 година за пополнување на резервите на ДАГ. Во согласност со ова, Конгресот на НОФ донесе одлука за доследно исполнување на таа задача, прокламирајќи: „Целиот македонски народ, мажи и жени, да стапи во редовите на ДАГ, сите со сите средства да помогнеме во исполнувањето на задачите и во поддршката на делото на ДАГ.“
По одржувањето на Првиот конгрес на НОФ, раководството на организацијата, а особено секретарот на Централниот совет, Паскал Митревски, настојуваше да ги воспостави нарушените демократски норми во нејзиното функционирање. Тој вложи посебни напори за одржување на единството меѓу НОФ и македонскиот народ, како и за успешно спроведување на задачите усвоени на Конгресот. Сепак, покрај значајните постигнувања, НОФ беше погоден од сериозен удар. КПГ инсистираше на внесување „нова крв“ во организацијата, што доведе до суштинска промена во нејзината структура. Во раководните тела беа вклучени кадри верни на КПГ, кои во првите две години од постоењето на НОФ се спротивставувале на организацијата и биле сметани за „гркомани“.
Искористувајќи го овој раздор во раководството на НОФ, Захаријадис направи следен чекор. На 27 март 1948 година, тој формираше партиска фракција во Извршниот одбор на НОФ, поставувајќи го за секретар Ставре Кочев (Ставрос Кочупулос). Веќе на 10 јули истата година, со одлука на Политбирото на ЦК на КПГ, претседателот и секретарот на НОФ, Паскал Митревски и Михајло Керамитчиев, беа суспендирани и отстранети. Нивните места беа заменети со лица лојални на Захаријадис – Ставре Кочев и Вангел Којчев.
(продолжува)
проф. д-р Димитар Љоровски