Стратешката положба на Грција во Источниот Медитеран ја постави меѓу приоритетните држави во агендите на западните сили, особено на Велика Британија и САД. Од една страна, таа имаше клучна улога во спроведувањето на нивните политики кон Блискиот Исток, а од друга, служеше како бариера против комунистичките аспирации што доаѓаа од нејзините северни граници.
Британската воена интервенција против грчката левица кон крајот на 1944 година, заедно со Договорот од Варкиза, потпишан на 12 февруари 1945 година, постепено ја обликуваше траекторијата на идниот политички и општествен поредок во Грција. Левицата, обединета во ЕАМ и предводена од Комунистичката партија на Грција (КПГ), се согласи да се разоружа, прифаќајќи борбата за власт да ја води преку политички средства. Спротивниот фронт, составен од различни идеолошки формации – од центарот до крајната десница – иако внатрешно поделен, со поддршка од Западот успеа да ја задржи контролата врз државата. Тој ја водеше Грција низ неколкукратно одложуваните избори, кои конечно се одржаа на 31 март 1946 година. Периодот меѓу Договорот од Варкиза и парламентарните избори беше обележан со бран насилство, вклучувајќи убиства, затворања и репресија врз левичарските сили, спроведени од десничарските националистички влади и нивните државни и парадржавни формации. Овој период, познат во историјата како „Бел терор“, одигра клучна улога во отворањето на патот кон Граѓанската војна во Грција.
Положбата на македонското етничко население и состојбата на македонското национално движење во Северна Грција беа крајно неповолни, со сериозна опасност од нивно постепено исчезнување и целосно уништување. За време на Втората светска војна, мнозинството Македонци од Егејскиот дел на Македонија, предводени од организации како СНОФ и МАО, активно учествуваа во борбата против фашизмот и нацизмот, стремејќи се кон ослободување на Грција и остварување на националните права и слободи. По завршувањето на војната, како дел од антифашистичките сили, Македонците, со бројни жртви и огромна пожртвуваност, се надеваа најпрво на официјално признавање, а потоа и на стекнување на заслужените малцински права. Меѓутоа, реалноста беше сосема поинаква. Македонското население и неговите организации беа прогласени за автономистички и предавнички, а честопати обвинувани и за соработка со бугарскиот окупатор. Ова им овозможи на државните и парадржавните формации – меѓу кои имаше и поранешни реални соработници на фашистичките окупатори – да спроведат широк спектар на насилни мерки, вклучувајќи убиства, депортации, физичко насилство и прогон. Архивските документи од грчките државни органи потврдуваат дека во овој период навистина постоеја предлози и планови за целосно или делумно етничко чистење, односно депортација на Македонците од Грција. Грчкиот историчар Тасос Костопулос во врска со ова прашање забележува: „Оваа јавна дебата беше само врв на ледениот брег на соодветните тајни службени размислувања, кои започнаа уште пред крајот на Окупацијата (помеѓу владата во егзил и нејзините контакти во земјата), за потоа да се засилат по ослободувањето. Овие стратешки планови се вртеа околу потребата и можноста за делумно или целосно етничко чистење преку административни мерки и, барем во нивната почетна фаза, имаа јасна поддршка од доминантните британски власти“.
Проценките за бројот на лица кои требаше да бидат протерани од Грција (или отселени од нивните погранични родни места) варираа помеѓу 50.000 и 70.000. Ако на ова се додаде дека во реалноста во периодот меѓу 1944 и 1946 година околу 25.000 до 30.000 Македонци ја напуштија Грција (најчесто заминувајќи во Југославија и Бугарија), тогаш станува јасна тенденцијата на официјална Атина во однос по ова прашање. Истовремено, во почетната фаза, сè до Договорот од Варкиза, овие репресивни мерки наидуваа на пасивен однос, а во некои случаи и на директна поддршка од страна на КПГ – некогашен принуден или тактички „сојузник“ на македонското национално движење – како дел од коалициската влада на Георгиос Папандреу. Оставени целосно сами на себе, но со очигледна помош и поддршка од своите сонародници во новоформираната македонска држава во рамките на југословенската федерација, Македонците во Грција сфатија дека единствениот начин да се спротистават на „Белиот терор“ и да го обезбедат својот физички опстанок на вековните огништа е преку организираната самоодбрана.
На 20 јануари 1945 година, по иницијатива на Вангел Ајановски – Оче, во Воденско беше формирана Тајната македонска ослободителна организација (ТОМО). По Договорот од Варкиза, раководството на ТОМО организираше вооружени групи за заштита на македонското население од теророт на грчките власти и паравоени формации. Неколку месеци подоцна, на 23 април 1945 година, во Скопје беше основан Народноослободителниот фронт (НОФ). Организацијата ја формираа истакнати дејци и борци родени во Егејскиот дел на Македонија, кои кон крајот на Втората светска војна, по судирот со КПГ, се префрлија на територијата на Вардарска Македонија. Раководството на НОФ броеше шест члена: Паскал Митровски (секретар), Михајло Керамитчиев, Џоџо Урдов, Атанас Коровешов, Павле Раковски и Минчо Фотев. Во рамките на НОФ беа основани и младинската организација НОМС (Народноослободителен младински сојуз) и АФЖ (Антифашистички фронт на жените). Иако раководството на НОФ главно беше составено од поранешни членови на тврдото крило во СНОФ, кое се залагаше за правото на Македонците на самоопределување, во почетокот организацијата повеќе ја истакнуваше минималната програма. Нејзината примарна цел беше заштита на македонското население во Грција, додека максималната – национално самоопределување и обединување на Македонија во рамките на идна балканска федерација – некако беше оставена за подоцна, во случај на победа на грчката левица.
Со одлука на главното раководство на НОФ, во мај 1945 година беа формирани првите вооружени групи за самозаштита и отпор. Партизански единици најпрво беа создадени во Костурско и Преспанско, а потоа и во Леринско, Гумениџиско и Ениџевардарско. Во овој почетен период, НОФ беше ставен под целосна контрола и раководство на Белград и Скопје, односно КПЈ и КПМ.
Појавата на НОФ во Грција беше дочекана непријателски и од официјалните државни органи и од левицата. Во почетниот период, ставот на КПГ во голема мера зависеше од проценките на неговото раководство за можноста за мирно решавање на политичката криза во Грција. Така, во текот на поголемиот дел од 1945 година, грчките комунисти ја осудуваа активноста на „автономистите“, сметајќи ја за „авантуризам“ што го загрозува опстанокот на левичарското движење во македонските области. Меѓутоа, засилениот терор и насилството врз активистите и поддржувачите на грчката левица, како и сè поочигледниот развој на настаните во корист на грчката десница, доведоа до промена на ставот на КПГ. Свесна дека преземањето на власта преку политичка борба станува невозможно, КПГ постепено почна да го омекнува својот однос кон НОФ, настојувајќи да изгради широк фронт против грчката десница и подоцна власта. На 12 февруари 1946 година, ЦК на КПГ на својот Втор пленум донесе одлука со која ја прифати вооружената борба против т.н. монархофашистички сили. Иако односите меѓу КПГ и НОФ останаа оптоварени со взаемна недоверба, особено поради искуствата од Втората светска војна, за двете страни не постоеше друга реална алтернатива. Првите тајни преговори меѓу раководствата на КПГ и НОФ започнаа во април/мај 1946 година и траеја до 21 ноември истата година. Разговорите често се одвиваа во отежнати околности, со спротивставени ставови, а договорот веројатно немаше да биде постигнат доколку не интервенираше КПЈ во име на повисоки „цели и идеали“. Двете страни не можеа да се усогласат околу две клучни прашања. Првото се однесуваше на постоењето на самостоен македонски воен фактор, а второто на кооптирањето на членови на раководството на НОФ во КПГ и другите политички организации.
Конечната интеграција на силите на КПГ и НОФ се случи врз основа на централниот договор, склучен на 14 октомври 1946 година во Белград, меѓу КПГ (Јанис Јоанидис) и КПМ (Иван Караиванов), со посредство на југословенскиот министер за внатрешни работи Александар Ранковиќ. Условите на договорот беа дополнително разјаснети еден месец подоцна во разговорите меѓу Паскал Митровски и Марко Вафијадис. Овој договор суштински значеше целосно потчинување на НОФ и АФЖ под контролата на КПГ, со единствена возвратна компензација – вклучување на некои од нивните кадри во раководните структури на ДАГ, Македонскиот оддел на КПГ и Централниот комитет на ЕПОН (младинска организација на КПГ). Партизанските одреди на НОФ беа апсорбирани од ДАГ, НОМС беше распуштен, а неговите членови беа интегрирани во ЕПОН. На овој начин, македонското национално движење во Грција беше ставено под целосна контрола на КПГ, во иднина повторно изманипулирано и искористено, за да на крај од Граѓанската војна да биде неосновано обвинето за наводно предавство на целото демократско движење во Грција.
(продолжува)
проф. д-р Димитар Љоровски